Енергетската транзиција може да се очекува за 15 години

by fokus

Досега ниту еден производствен капацитет за производство на електрична енергија од фосилни горива (лигнит и мазут) РEK Битола, РЕК Осломеј- Кичево и ТЕЦ Неготино не е затворен.

Согласно Стратегијата за развој на енергетиката и зеленото сценарио, кое е усвоено од страна на Владата, планирано е постепено напуштање на производството на електрична енергија од јаглен-лигнит, но енергетската криза сигурен сум дека ќе го одложи исклучувањето на планираните термоелектрани за одреден период се со цел да се задржи и така кревката енергетска стабилност и сигурност на државата, појаснува Драган Миновски, професор по енергетика и обновливи извори на енегрија на Универзитетот во Штип.

Тој додава дека со цел зачувување на енергетската стабилност на државата и намалување на ефектите од енергетската криза, започнат е процес за увоз на јаглен-лигнит, увоз на мазут и активирање на поедини термоелектрани, како РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино во наредниот период.

-Од економски аспект, производството на електрична енергија од јаглен-лигнит, без дополнителните трошоци кои се аплицираат во земјите од ЕУ, како трошоци за зголемени емисии на СО2, како и дополнителните трошоци за дополнителна здравствена заштита на населението каде таа енергија се произведува, поради ефектите од зголемените емисии на штетни гасови, оваа енергија е поефтина од увозената електрична енергија, вели тој.

Според Миновски  доколку во иднина се аплицираат и овие трошоци, тогаш прашање е дали навистина имаме некаков бенифит од нивното работење.

– Од еколошки аспект, со постојната технологија која е аплицирана во производните капацитети, работењето на термоелектраните е неоправдано. Се надевам дека оваа енергетска криза ќе влијае за зголемени инвестиции во нови производни капацитети од обновливи  извори на енергија во иднина, како во ЕУ, така и кај нас и повеќе нема да се враќаме на производство на електрична енергија од електрани кои ќе ја загадуваат нашата околина, додава тој.

ЕНЕРГЕТСКА ТРАНЗИЦИЈА ЗА 15 ГОДИНИ

-Сакам да нагласам дека процесот на праведна енергетска транзиција не е така брз и ефтин процес. За праведна енергетска транзиција, која покрај зајакнување на нашата енергетска стабилност и сигурност, ќе отвори нови работни места и ќе влијае на брз економски равој во нашата држава, потребни се сериозни реформи и вложувања во наредниот период. Доколку денес би се започнал тој процес ефектите од него може да се видат дури за неколку години, а целокупниот процес најрано би завршил за 15-тина години, вели Миновски.

Тој вели дека многу брзо потребно е да се отвори ново Министерство или Агенција за енергетска транзиција, која би изготвила национална стратегија за праведна енергетска транзиција, стратегија со која би се обезбедила енергетската сигурност, стабилност и независност на нашата земја, притоа почитувајќи ги начелата за праведна енергетска транзиција од фосилни горива кон обновливи извори на енергија и статегија која најважно би се почитувала од сите политички чинители.

ЕНЕРГЕТСКИ ЗАВИСНА ЗЕМЈА

Енергетската криза кај нас е производ на надворешни, но и внатрешни пробелми во енергетиката. Поради големата енергетска зависност на државата, надворешните фактори влијаат многу кај нас. Сепак не се за занемарување ниту внатрешните фактори.

-Во моментот енергетската криза е разгледувана само од аспект на зголемните цени на енергенсите на енергетските пазари. Во тој дел очекувам дека ваквите цени на енергенсите на пазарот ќе се намалат некаде по завршување на првиот квартал од наредната година, но сепак тоа намалување нема да биде на ниво како пред оваа криза  по цена од 50-60 евра за мегават час за електричната енергија или 250-300 ввра за1000 нм3 природен гас, но на ниво од околу 100 – 150 евра за мегават час  електричната енергија во однос на сегашните 200 – 250 евра за мегават час и 550 – 650 евра за 1000 нм3 за природниот гас, што е дупло од она што го имавме во изминатиот период, вели Миновски.

Сепак  тој додава дека ова се пазари кои се многу динамични и се менуваат постојано во зависност од многу економски, климатски и политички фактори.

-Во однос на внатрешните фактори, потребни се брзи и зголемени инвестиции во наредниот период во нови производни капацитети од обновливи извори, како и инвестиции во енергетска ефикасност и зголемена енергетска ефикаснот на сите нивоа, сето тоа пратено со оптимално производство од постојните производни капацитети. Ова треба да доведе до поголема енергетска независност и помало влијание од надвор, додава тој.

Соња Танеска

Поврзани новости