Куманово пред четири години беше меѓу најзадолжените општини, но денес нема тековни долгови. Во изминатите три години ги исплати сите основни долгови и камати над 11.5 милиони евра кои се таложеле предходно повеќе од една деценија, а поради нив општината беше целосно финансиски блокирана со финансиски извршувања, вели за „Фокус“, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
-Тоа го реализиравме со зголемено прибирање на основните приходи на општините (даноци и такси), комуналии и други приходи и рапидно намалување на непродуктивните расходи и штедење по сите основи како и зголемување на конкурентноста во јавните набавки.
Секако симболично учество имаше и еднократната финансиска помош од владата од која Куманово доби околу 1,5 милиони евра кои што општината преку исплатени неосновани камати ги врати на државата. Во моментов Општина Куманово е стабилна со над 3 милиони евра на сметка и сериозна развојна програма за период 2022 – 2024 година, вели Димитриевски.
Состојбата во јавните претпријатија, пак, како што кажува Димитриевски, е поинаква, децениски наталожени долгови со рапидни нереални камати кои дополнително ја отежнуваат нивната работа.
Спасот се гледа само во структурни реорганизации и јавни приватни партнерства со цел да се подобри квалитетот на јавните услуги, вели Димитриевски.
Тој предупредува дека енергетската криза е многу сериозен проблем за општините бидејќи пренесените надлежности како што е образованието, детска заштита и домовите за стари лица не добиваат доволно финансиски средства по основ на блок дотации од државата за да можат да го платат надоместокот за потрошена струја, за која трошоците по основ на зголемена цена е зголемена во одредени институции и до шест пати.
Димитриевски вели дека ако државата не ги зголеми блок дотациите за да ги покрие овие трошоци, што според него, е и нејзина обврска според Законот за локална самоуправа и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, општините повторно ќе генерираат огромни долгови, не по своја вина.
-Дополнително ќе мора средствата планирани во буџетите за финансирање на капитални инвестиции (изградба на улици и патишта, канализација, спортски терени, уредување на паркови и др.) да ги пренаменат за тековни трошоци и надомест за ел.енергија и гас. Доколку дојде до оваа ќе се забави и така веќе спориот развој на општините. Значи не се работи за барање на помош туку за обврска на државата кон општините, во спротивно крајниот ефект од пасивниот однос на државата кон овој проблем ќе го почувствуваат граѓаните, вели Димитриевски.
Според четвртиот квартален извештај за минатата година, на крајот од декември вкупниот долг на општините достигнал 68,9 милиони евра додека на крајот од септември тој изнесувал 62,8 милион евра. Кој ќе ги плати долговите на општините?
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ