Громогласен аплауз од занемената публика, кој траеше неколку минути и атмосфера од која полазуваат морници го одбележаа танчерскиот настап на Анди Исмаили (14) од Гостивар, кој е дел од учесниците на хрватското ,,Суперталент шоу”.
Страста и прецизноста со која момчето танцуваше го остави жирито и пубиката без зборови.
Комплименти и воодушевување од неговите танчерски вештини следеа по настапот, а на прашањето на Мартина Томчиќ, членка од жирито, како се чувствува кога ќе започне музиката и што му минува низ главата, тој одговори дека тоа за него е бегство од стварноста.
Одговорот предизвика дополнителни прашања, зошто едно младо и талентирано момче би сакало да побегне од реалноста, по што следеше емотивната приказна на Анди.
-Во мојот град Гостивар, многу ме малтретираат. Тоа се случува секојдневно, константно, кога ќе видат машко кое танцува, сметаат дека е нешто невообичаено. Не ме изненадува тоа…
Еднаш ми се случи нешто многу трауматично. Една наставничка ми рече нешто многу навредливо.
Кога тинејџер ќе слушне нешто такво, тоа веднаш му ја уништува самодовербата. Кажано од ученик, би го разбрал, можеби е дел од фазата на растење, но од возрасна жена, сметам дека не е во ред.
Малтретирањето ме направи посилен. Затоа денес сум посилна и подобра верзија на себе- раскажа Анди.
Појасни дека случајно започнал да танцува, кога пред шест години тетка му ги носела своите ќерки на танц, па и тој заминал со нив, од љубопитност, да види како е. Професорката по танц пуштила музика, и тој започнал да танцува. Веднаш го забележале неговиот талент.
Се заблагодари на семејството кое застанало зад него и му дало поддршка уште од првиот танчерски чекор.
Кажа дека целта му е да покаже дека не е важно од каде доаѓаш, успехот е можен во животот.
Со настапот тој успеа да добие директен влез во полуфиналето на шоуто, кое е по лиценца на популарното британско шоу ,,Got Talent”.
Вики Клинчарова