Сево ова што се случуваше, криенка, миженка, барање, губење, исчезнување, ме потсети на детството и на криенка, само сега гледам не ја играат деца, туку возрасни, политичари, функционери, претседатели на партии, пратеници, премиери и министри
Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ
Се сеќавам на своето детство со радост и тага, среќен сум што пораснав во едно друго време, што живеев во време на човечки доблести, нормални луѓе, традиционални вредности. Тажен сум што тоа време е одамна минато, што се изгуби и пропадна сето она што вредеше и што нè разликуваше од многу други, кои се дел од ЕУ денес, кои ни ставаат сопки, а во тоа време беа жива сиромаштија и беда, а ние за нив недостижни, како Америка.
Беше тоа среќно и мирно време, безбедно и за нас децата безгрижно. По цел ден на улиците и тревниците се слушаше детски џагор, се играа и дружеа децата со своите врсници, безгрижни како и нивните родители, не стравувајќи дека некој манијак што вози 150 км/час ќе ги удри, затоа што се возеше внимателно, а и автомобилите беа такви што им требаше време да забрзаат.
ИГРАВМЕ НАЈРАЗЛИЧНИ ИГРИ
Никој не ни размислуваше или стравуваше дека некое дете може да биде киднапирано или повредено во меѓусебна пресметка со нож или со друго оружје, најлошото што можеше да се случи е дупната глава од фрлен камен.
Игравме најразлични игри, кои бараа физичка активност и многу малку спретност и не бараа речиси никакви реквизити, освен топка или ластик, креда, плочка… Игравме долга магарица, народна, криенка, џамија, јанино не јанино, баскет, џамлии, камај, а девојчињата ластик, плочка, но често ни се приклучуваа и во нашите самопрогласени „машки“ игри.
Одамна на сум видел деца како играат надвор на улица, затоа што немаат каде, зграда до зграда, никаде трева и ливада, а имаат и мобилни и компјутери на кои главно играат игрички и кои им ги заменуваат другарите. Постарите сигурно се сеќаваат како се играа игрите што ги спомнав, помладите немале можност да ги видат, па не знаат како се играат, сè до неодамна.
Пред некој ден, само што се стемни, еден лик излезе и јавно ги повика своите другарчиња да играат криенка, а тој ќе ги бара. Само што се сврти, сите се разбегаа и додека изброи до сто, немаше никој околу него. Едни се скрија во Белата палата, веднаш зад врата и тивко се договараа како да го излажат и да стигнат до ѕитчето на кое „лежеше“ и броеше до сто да го „плукнат“ со зборовите: „пу за мене, пу за сите“, па тој, пак, да „лежи“ и да ги бара.
Други отидоа кај чичкото на ритче кај Тврдината горе, трети по амбасади, ама попусто, итар еден по еден ги наоѓаше, ќе пријдеше до ѕитчето и ќе викнеше: „пу, Перо“ и Перо пеплосан, стои и чека да заврши играта.
Имаше неколку обиди да го претрчаат и први да стигнат за „пу“, беше на мигови неизвесно, ама секогаш беше побрз. Ги најде речиси сите и ги исфрли од игра, ама еден никако да биде пронајден.
КАДЕ Е ЕДНОТО ДРУГАРЧЕ?
Се разбранува дружинката, се замисли каде е другарот, почнаа како и секогаш сомневања, претпоставки, озборувања. Едни велеа си отишол дома, други мислеа во слаткарница е, трети во школскиот двор да не е, четврти во подрум, други, пак, се загрижија да не му се случило нешто, да не го удрила кола, да не е киднапиран, да не му се слошило…
И така цела ноќ го бараа и ни трага, ни гласа. Играта не можеше да заврши, па оној истиот, пак, ќе мижи и бара, играта одново почнува. За да не се секирате, морам да ви кажам дека последниот другар, кој го немаше никаде, е во ред и добро е, само таа вечер тато и мама го фатиле за уши и го однеле дома да напише домашна за утредента, за во школо.
Сево ова што се случуваше, криенка, миженка, барање, губење, исчезнување, ме потсети на детството и на криенка, само сега гледам не ја играат деца, туку возрасни, политичари, функционери, претседатели на партии, пратеници, премиери, министри.
Ова дава надеж дека старите детски игри ќе се вратат во мода, особено по оваа криенка-миженка и две-три партии „плочка“, кои градоначалниците ги изиграа на Плоштадот и постојаната партија на „долга магарица“ во која власта го јавнува погрбениот народ, но ме плаши што возрасни луѓе играат детски игри.
Ме плаши и што дружинката се испокара и растури, па немаат доволно луѓе да си играат криенка-миженка, што лошо и негативно ќе влијае врз сите, па постои можност поради немање „кворум“ за криенка да се префрлат на ластик и онака осамени да прават „ема-еса-са“ и да го растегаат ластикот, како народот што го растега куќниот буџет, додека не пукне.