Ем тепан, ем тужен, има ли правда кај нас, прашува дуќанџија од Скопје

by fokus

Бранислав Петровски, сопственик на дуќан во центарот на Скопје, кој пред три години беше претепан од бизнисмен, сопственик на хотел кој се наоѓа во близина на неговиот дуќан, за ,,Фокус” раскажува дека на неговата агонија и нема крај по сето изминато време.

Имено, како што вели Петровски, тепачката со бизнисменот се случила поради метална рекламна табла, која тој ја изнесувал пред дуќан наутро, а ја тргал навечер. Истата му сметала на бизнисменот, па по кратка расправија за таблата, тој го претепал.

-Завршив со тешки телесни повреди, скршен череп, скршен нос, јаболчна коска, подлив на двете очи… Дури 14 дена бев задржан на неврохирургија… Поради нанесување на тешки телесни повреди, бизнисменот беше осуден на условна казна, една година затвор, доколку во рок од три години стори ново кривично дело.

Во време кога бев нападнат, јас се борев со тешка болест, карцином на бели дробови, примав терапии. Сега, иако сум подобар, сепак болеста е се уште тука и сум со нарушена здравствена состојба.

Но, нашата агонија не заврши со условната казна која ја доби човекот кој ме претепа. Верувале или не, јас се уште се влечкам по судници, бидејќи тој сега ме обвинува мене, дека наводно јас сум го нападнал прв и сум го изгребал по вратот-раскажува Петровски.

Појаснува дека судот првично проценил дека тужбата е неоснована, но потоа истата се вратила во процес.

-Како може за ист настан да има две пресуди? Како може јас, кој завршив со тешки телесни повреди, сега повторно да треба да се појавувам во суд, на рочишта како обвинет пред мојот напаѓач? Прашањето ми е како во Македонија треба да се задоволи правдата? Дали судот е државен орган или е приватна институција која врши услуги на оние кои се финансиски помоќни? – прашува дуќанџијата.

И неговиот син Стефан за ,,Фокус” вели дека целото семејство минува низ доста мачен период поради настанот со бизнисменот.

-Ем претепан, ем тужен. Решивме јавно да излеземе со нашата приказна, бидејќи сакаме да ги алармираме институциите, да ја алармираме јавноста околу оваа неправда која ни се случува. Здравјето на татко ми е нарушено, последното нешто кое му е потребно е повторно да оди по судници и да се брани од човек кој му нанесе тешки телесни повреди. Апелираме медиумите да го следат будно целиот судски процес, да ја информираат јавноста каква завршница ќе има оваа наша голгота. Бараме правда, иако по сите настани, максимално сме разочарани и доведени во состојба да веруваме дека кај нас, до правда најтешко се доаѓа – порача синот на Бранислав.

Вики Клинчарова

Поврзани новости