Текстот е објавен на 14 јуни 2010 година во неделникот „Фокус“.
Политиката на Груевски, која го подели народот по сите линии, ќе заврши со целосно фијаско. Како што, впрочем, можеше и да се очекува од човек, чии идеи останале цврсто вкопани во минатото свршено време. За жал, сите ќе ги почувствуваме последиците од катастрофата во која забрзано не води. Затоа што немавме сила да му се спротивставиме, но, тоа не смее да не фрли во очај од кој нема враќање. Ако е за утеха, и Германците и Србите не умееле своевремено да се одбранат од нивниот Хитлер и Милошевиќ!
Пишува
Никола МЛАДЕНОВ
Времето покажа дека ситуацијата не е ниту приближно толку безбедна, каква што после Букурешт ни ја опишуваа мегафоните на власта. Бездруго се сеќавате на моронското прашање – Кој тоа ќе не нападне, за да се грижиме поради дебаклот на НАТО самитот во 2008-та? За умните беше тажно и за гледање, меѓутоа, мнозинството поверува во латасоидните тези за безбедноста на Македонија, која беше неспорна, чиниш немаме потреба од Алијансата ни во следните 10 години. Оти, нели така, во НАТО ни се пријатели, па, оттаму, исклучена е било каква опасност од Грција, Бугарија, а сега и Албанија, како тазе член на Северно-Атлантскиот пакт. Србија? Ве молам, ние со Белград имаме гранитно добри односи… Бог да чува и да брани, па тие попрво самите би загинале, отколку нам лошо да ни помислат, а камоли да направат. Косово? Што ни може Косово, бе, кое е фалш-држава на нарко-дилери и докажани криминалци!? Камо среќа да дигнат рака на нас, ние тоа едвај го чекаме, за на цел глас да вреснеме – Ете, гледате на кого му дале држава да прави?!
Нормално, колку што сме безбедни од надвор, уште толку сме посилни од внатре. Многу сме јаки, имаме 63 од 120 пратеници. Можеме и без Албанци да правиме влада. Море, не само влада, со 63 пратеници можеме да си правиме што сакаме. Доста не уценуваа Албанци и домашни предавници. Нема веќе, точка, крај на филмот. И црква има да си направиме таму кај што ќе си посакаме. Среде Вардар, ако треба, оти и во Скопје сме јаки. Мамето нивно педерско… А, бе, ако продолжат да мрчат, има за женски да ги прогласиме. И, не само што ќе молчат педерчињата, туку и среќни има да бидат, затоа што со 63 пратеници ние комотно можеме и од живи да ги избришеме. Имаме мнозинство, имаме програма, народ не сака… Има да не остават четири години да им правиме што сакаме, па после ќе видиме. Ќе има избори, на нив можат слободно да гласаат, и – здраво. Нема лабаво, тоа е демократија!
Груевци така го замислуваат правото на мнозинството да раководи со земјата. Тие мислат дека Бога за јајца го фатиле со нивните 63 пратеници. Си умислуваат дека се им е дозволено. Убедени се дека мнозинството им дава тапија на вистината ем знаењето. Со тоа, пак, го покажуваат токму обратното. Впрочем, нааканоста им прилега на празноглавите. Кој тоа нормален, може и да помисли дека парламентарното мнозинство му дава право на се, од самоволно носење закони, преку апсење и пресудување, се до уредување на медиумите и односите во комплетното општество, заклучно со последното здружение за заштита на афтохтоната македонска пеперутка од непријателските влијанија на останатите видови, како на Земјата, така и на Небото!?
Во сета трагикомедија, најмизерни се оние што го знаат сево ова, ама, сепак, не дигаат глас, молчат, оти, замислете, никаквиве биле патриоти, името не го давале. Додуша, по малку и поткраднувале, ама, сепак, и граделе, зад себе трага оставале, за разлика од претходните, кои ништо не направиле. Не знае човек, што да им прави на таквите: Да им се смее или со гајда да ги жали? Па, гледаат ли тие имбецили, дека Груевски ја исцеди последната пара од џебовите на граѓаните и сметките на компаниите? Знаат ли да соберат два и два, за конечно да сфатат дека оваа власт не направи ништо особено со државниот буџет, кој во нејзино време достигнува небесни височини? За четири години, буџетот е зголемен за близу две милијарди евра, а, за возврат, граѓанинот не доби ама баш ништо. Навистина, кај се сите тие пари? Во администрацијата е набутана партиска војска недобројна, а услугите и се исти како било кога порано. Дали денес имаме подобро здравство? Или образование, можеби? Да не се чувствува некое подобрување во надворешната ни политика, а ние сеуште не го знаеме тоа?! Можеби некој автопат или пруга железничка е изградена, а Груевски заборавил лентата црвена пред ТВ камери да ја пресече? Прашајте се, каде отидоа тие силни пари? По ѓаволите, па и на фамозното Скопје 2014 се уште не се фрлени повеќе од пет-шеесет милиони евра!!!
Бидете убедени, дека многу брзо ќе се потврди вистинитоста на максимата за национализмот како последно уточиште на арамиите. Допрва ќе се види, што се е ограбено пред нашиот нос, додека тие не уверувале дека гинат за нацијата и големите идеали на македонштината. За жал, претходно ќе ни приредат уште едно големо разочарување, поголемо од она во 2001-та. Повторно игра оружјето по планините. Кај лесноумните се будат лажни надежи, дека сме на прагот од големиот реванш за поразот што го доживеавме пред девет години. Во главата на збрлавените ќе се зацврсти погрешното уверување, дека Западот и Албанците се виновни за сите наши несреќи. Државата ќе се доведе до федерализација, ама никој нема да сака да ја превземе одговорноста за тој чин. Повторно сите ќе бидат криви, само Грујо ќе остане невин. Демек, сторил се, ама душманите биле побројни ем технички посупериорни. О, Боже, има ли крај на губитничкиов менталитет, кој не прави до толку слепи, па не можеме да ја видиме и шансата за чиста победа, која пред очи ни се црта сама од себе!?
Што правиме сега? Да, ние не сме нападнати од соседите, ама, еве, повторно по работ на судирот одиме. На политиката на Груевски, која го подели народот по сите линии, и се заканува комплетно фијаско. Пред распад се неговите мувлосани идеи за државата, нацијата, демократијата, пазарната економија, човековите права… Во опасност сме од ново понижување, овој пат без испукан куршум. Сево ова ни го прават непријателите, само за да го смениме името? Веројатно и тоа е дел од причините. Меѓутоа, зарем власта не требаше да знае, што не чека на патот кој таа го зацрта? Зарем таа не требаше на време да ги одмери силите, па да знае најмалото зло да го одбере? Што правиме, значи, сега, доколку се случи она што ме плашеше уште пред две-три години: ем неповолен компромис за името да правиме, ем уште едно понижување од Албанците да доживееме? Како инаетливото дете, кое супата ја исркало, ама и од ќотек не куртулило!
Груевски водел тешка битка со Атина за името!? До толку се закрвил со нив, на живот и смрт се биел, па овие среде битка му бувнале екстра кредит од 30 милиони евра преку нивната Стопанска банка!? Ха-ха, ако воопшто е нивна. Забележавте, ли, колку беа вознемирени белосветските аналитичари од можните последици по државите во соседството заради кризата во Грција? Поради банкарскиот систем, де, во кој има влезено поприлично грчки капитал. Разни експерти стравуваа за Бугарија, Романија, Србија… каде Грците поседуваат 10-15 отсто од банкарскиот бизнис. Види чудо, никој притоа не ја спомна Стопанската банка наша, чиниш не држи ни четвртина од македонскиот банкарски колач!? Ниту линкот од сајтот на грчката НБГ, кој води до СБ не е обновен од 2007-та… Хм, да не им се случило нешто ептен убаво уште на 5 јули претходната година, па, кој знае, можеби Атињаните од тогаш почнале да не сметаат и за свои?!