Шест новогодишни елки во сабота ќе бидат поставени на градскиот плоштад во Неготино, како дел од хуманитарна празнична акција, која ја иницира Левица. Станува збор за природни елки кои активистите ќе ги постават покрај Центарот за култура, а децата од градот самите ќе можат да ги украсуваат.
Исто така, сите граѓани покрај нив ќе можат да остават новогодишни пакетчиња, кои ќе им бидат поделени на деца од социјално загрозени семејства, како и на децата кои се згрижени во малите групни домови во Неготино и Тимјаник.
Идејата за настанот потекнува од советникот на Левица, Леон Ристов. За ,,Фокус” тој вели дека празниците се време кога треба да се покаже солидарност и хуманост, со цел сите да се радуваат и да почувствуваат топлина.
-Купивме шест природни елки, кои во сабота ќе бидат поставени во центарот на градот. Ги повикуваме сите кои сакаат да му ја разубават Новата година на некое дете, да остават новогодишни пакетчиња покрај елките. По празниците, овие дрвчиња ќе бидат посадени, дополнително ќе ја одредиме локацијата – појаснува Ристов.
Додава дека по поставувањето на елките во сабота, во план им е секоја вечер да ги собираат донираните пакетчиња. Во соработка со Центарот за социјална работа и Црвен Крст, ќе ги однесат кај семејствата кои имаат потреба.
Инаку, градот се уште не е празнично украсен. Градоначалникот д-р Горан Стојанов изјави дека се планира скромно украсување годинава, со украси и светилки кои ги има општината. Нема да има ниту организиран дочек на плоштад, поради актуелната пандемија.
Вики Клинчарова