„Мислам дека САД се изморија чекајќи некој од надлежните да направи нешто во поглед на борбата со корупцијата во државата“ вели поранешниот министер за одбрана и поранешен амбасадор, Лазар Еленовски во интервју за Прес24, во врска со одлуката на САД на црната листа да го стават Рамиз Мерко.
„Во последните неколку месеци тие пратија неколку предупредувања за состојбите во државата, но не само што не добија никаква реакција, туку напротив се разочараа дека ситуацијата со корупцијата уште повеќе ескалира, посебно по бројните скандали во судството, обвинителството, кулминирајќи со застарување на делата на истакнати поединци од претходниот режим во случаите со високата државна корупција. На нив, како и на нас, им стана јасно дека некаде позади постои подземна спрега на истакнати поединци на сегашната со претходната власт“ – вели Еленовски.
Според него, иницијативата на САД е само почеток на процес кој треба да го завршат домашните институции.
„Ние имаме сериозен проблем со нашата влада, која во нормална држава, европска каква што сакаме да бидеме, би требала да биде носител на борбата против корупцијата. Гледајте ја нивната реакција по објавувањето на соопштението на Стејт Департментот, тие ноншалантно без никаков срам ја префрлија топката на судството. А јавна тајна е дека нашето судство е под апсолутна контрола на партиите на власт и е во функција да ја штити нивната корупција. Тоа само кажува дека тие луѓе немаат елементарно познавање, одговорност и морал“ вели Еленовски.
Уставни измени, според него, тешко ќе се случат оваа година, пред се затоа што тоа е процес во кој мора да учествува опозицијата.
„Сметам дека уставните измени во овој парламентарен состав нема да се изгласаат. Освен ако не почнат да превземаат некои недемократски па и противзаконски средства кои ги видовме и во минатото и кои оставија голема црна дамка во довербата на граѓаните кон државата. Затоа најдобар пат е да не се губи непотребно време, да се оди на избори и новата влада и Собрание да ја превземат целата одговорност за европскиот пат“ – вели Еленовски.
Според него, следната влада ќе биде политичка, иако е можно формирање на широка влада, но според него уште поголема е одговорноста да избереме влада со јасен демократски капацитет и визија.
„За да влезе во коштец со сите главни прашања и предизвици за државата како европската интеграција, борбата против корупцијата, градењето и јакнењето на демократските институции наместо партизацијата, новиот економски модел за забрзан економски развој, градењето на стандардите на европската социјална држава, дигитализацијата итн. За сето тоа да се придвижи треба да се вклучи и организира значаен човечки капацитет од сите полиња на животот на државата, кој за среќа се уште го имаме“ – потенцира Еленовски во интервјуто.