Репродуктивен центар на елени, изградба на арборетум, подобро управување со пасиштата и зачувување на биолошката разновидност во Националниот парк Галичица. Ова се дел од активностите кои НП Галичица и Друштвото за проучување и заштита на биодиверзитетот и одржлив развој на природните екосистеми (БИОЕКО) Скопје, почна да ги спроведува во рамки на проектот „Подобрување на заштитата, конзервацијата и управувањето со заштитеното подрачје Национален парк Галичица“, вреден 340.000,00 евра, финансиран од Европската унија.
Главната цел на овој проект е да се подобри управувањето на Националниот парк Галичица преку заштита, конзервација на биолошката разновидност и спроведување на мониторинг. Проектот ќе трае 12 месеци и се состои од три компоненти:
- изградба на арборетум,
- подобрување на управувањето со планинските екосистеми на пасиштата преку изградба на репродуктивен центар за европски елен и негово повторно воведување во паркот
- Програма за долгорочен мониторинг на биолошката разновидност на паркот
Со цел остварување на овие активности, НП Галичица ангажираше двајца млади биолози и лице за комуникација што претставува новина за заштитата на природата во националните паркови во Македонија. Определена и обележена е површината на која ќе биде оформен репродуктивниот центар за европски елен, како и локациите од кои ќе се собираат растенијата со кои ќе се оформува арборетумот. Ревизијата на Програмата за долгорочен мониторинг ќе биде вклучена и во новиот План за управување кој ќе биде изготвен во текот на 2019 година.
Овој проект е дел од Програмата на Европската унија „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, вредна 4,3 милиони евра, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.