Фолк пејачката Елена Велевска ќе се сели од Македонија. Таа планирала заедно со сопругот Марјан и со трите деца да замине во Австралија и да го продолжат животот таму, бидејќи не сакала нејзините деца да растат во земја каде што законите не функционираат и на политиката и се дава најголем акцент. Вели дека ова е тешка одлука за нејзиното семејство, но по последните политички случувања во земјава, не гледала друг излез.
,,Многу е жално тоа што од политика, народот нема простор да слуша музика. Ова што се случува на нашата политичка сцена е на голема штета на сите нас, а најмногу на нашите деца и не знам дали постои друга земја во светот во која што и се дава толкаво значење на политиката. Сите сме на некој начин задушени и бараме излез, најверојатно надвор одовде. Колку и да сум голем патриот, колку и да сакам да си останам дома, во својата татковина, приморана сум да си одам поради несериозноста и нефункционалноста на законот.
Јас и моето семејство можеме уште утре да заминеме во Австралија, моите деца имаат австралиско државјанство. Но многу не боли тоа, бидејќи сепак сакаме да сме во своето гнездо, блиску до своите родители. Изминатиов период се почесто размислуваме на темата заминување и искрено не гледаме причина поради која што би вредело да останеме овде,, – вели пејачката која што со семејството живее во Охрид. Таа додава дека и покрај тоа што има добиено субвенции од владата за свои песни, сепак тоа не е причина поради која што би го криела своето незадоволство и би молчела пред актуелната политичка состојба.
,,Субвенциите воопшто не ми се важни! Има луѓе, мои колеги кои што станаа зависни од нив и се се врти во еден потесен круг. Со тоа само се покажува колку страшна работа е алчноста. Со текот на годините јас сфатив дека повеќе од се сакам да имам мир, да се дружам со чисти души, да минувам време со децата, оти само таму се кријат вистинските вредности. Секогаш кога одев на турнеји низ светот, додека ги пеев моите печалбарски и патриотски песни, плачев заедно со нашите иселеници, ја гледав тагата во нивните очи, а еве сега дојде време кога и самата сум доведена до една таква состојба, кога сум на чекор да го оставам огништето кое што многу го сакам и да ја барам среќата подалеку од родниот крај,, – изјави Велевска која што е присутна на естрадата околу дваесет години. Има снимено голем број на авторски нумери, но и преработки на стари македонски песни, има девет албуми зад себе од кои два се со староградски песни. Последниве години е една од најбараните и најплатените фолк пејачки кај нашата дијаспора.
Вики Клинчарова