Откако на вчерашната собраниска расправа, пратеникот на ВМРО ДМПНЕ, Крсто Јовановски, сакајќи да направи споредба помеѓу пратениците на власта и опозицијата, првите ги нарече турбо фолк, а другите ракетен систем, со остра реакција се јави популарната фолк пејачка Елена Велевска. Таа вели дека кога веќе и турбо фолкот влегол во Собрание, пратениците на ВМРО конечно да се разбудат кој век е, и да не се трудат да го кочат народот со песни од минатиот век и да плукаат по новите музички трендови, туку да се вратат во реалноста.
,,Немам зборови за дрскоста со која што се навредува турбо фолкот, а со тоа и сите наши музичари кои што се занимаваат со овој правец на музика и чесно си го заработуваат секој денар. Но навредата е наменета и за слушателите на овој вид на музика, кои сакале или не, ги има во огромен број низ целиот Балкан. Но ова не е ништо ново од членовите на ВМРО ДМПНЕ. Мислам дека, да се прашуваат тие, ние ќе останеме заглавени во минатиот век, ќе се снимаат само староградски песни (против кои што немам ништо против и често ги пејам на настапи), нема да се оди напред и да се следат новите музички трендови, а пејачките би требало да изгледаат како Васка Илиева. Јас многу ја почитувам Васка, но сигурно дека нема да изгледам како неа, бидејќи сум една урбана жена, а публиката сака да гледа убави и модерни пејачки’’ – раскажува Велевска.
Таа додава дека токму турбо фолк пејачите од земјава се најголемите промотори на македонската песна, бидејќи редовно имаат концерти и турнеји низ целиот свет.Токму поради тоа, очекувала поддршка, а не омаловажување од страна на политичарите.
,,Не знам зошто, но владее некоја атмосфера помеѓу редовите на ВМРО, како да треба да останеме исти како во времето кога била компонирана песната ,,Стани моме да заиграш’’ и да си го држиме тоа ниво, тој стил на музицирање. Исто како во Америка на пример, да се слушаат само кантри песни од времето на Доли Партон, и да се потценуваат сите нови правци и трендови кои што доаѓаат. Не оди тоа така. Се менуваат времињата, луѓето бараат нешто ново, а не постојано навраќање на тоа што било пред четириесет, педесет или повеќе години. Не може пејачките да бидат во народни носии, а пејачите во комитски одела, тоа време поминало’’ – вели Елена.
Според неа, политичарите наместо да ги омаловажуваат пејачите, требало да им дадат поддршка, а ако не можеле да го сторат тоа, доволно ќе било да не им одмогнуваат со непромислени изјави.
,,На сцената сум повеќе од дваесет години. Досега никој, од никоја влада не ми помогнал. Сум го веела македонското знаме во многу земји, бидејќи си ја сакам земјата и публиката. Не ни барам помош од некого, самата заработувам, самата вложувам во кариера, снимам песни, спотови, албуми… И наместо тоа да се цени, кај нас секоја пригода се користи за напад и потценување. Им сметало тоа што во новите стилови на музика нема староградски примеси, им сметало тоа што не пееме во народна носија, што изгледаме атрактивно, што ги следиме трендовите кои се актуелни на целиот Балкан. Е токму поради сите овие предрасуди нас нема да не биде, и нашата естрада уште долго ќе треба да се труди да го достигне нивото на српската, на пример. Токму затоа и српските пејачи ги каниме на манифестации за дебели хонорари, бидејќи нивниот напредок се поддржува’’ – тврди пејачката.
Таа вели дека е многу погрешно ако патриотизмот се мери според музиката која што се слуша, и за себе смета дека е голем патриот, без разлика дали пеела македонски, српски, бугарски или англиски песни.
,,Дали ние, кои што пееме модерен фолк или турбо фолк на пример, сме помалку патриоти од тие што сакаат песни од пред 50 години? Која е логиката на тоа размислување? Како информација, на тие што постојано плукаат врз турбо фолкот, на многу настапи во дијаспората, кога се пејат патриотски песни, нашинците бараат и српски турбо фолк песни. Значи ли тоа дека и тие не си ја сакаат татковината? Доста го враќајте народот назад, во минатото, пуштете го да оди напред’’ – порача Велевска.
Таа е присутна на естрадата над дваесет години и неколкупати годишно има турнеји во повеќе европски земји, но и во Америка, Австралија, Канада… Зад себе има голем број на албуми и спотови и важи за една од најбараните пејачки на настапи. Снима обработки на стари изворни македонски песни, но и нови авторски нумери во помодерен фолк стил.
Вики Клинчарова