Елена Велевска: Да, јас паднав во животот, но работник сум и пак се исправив!

by fokus

Ако кажам дека зад себе оставив еден многу тежок период во животот, со тие зборови не може ниту приближно да се опише она кое го поминав. Ми се случи преселбата од Охрид поради разводот, и тоа во еден период кога естрадата беше во крајно незавидна состојба поради пандемијата, без можност да се настапува, да се заработува за живот. Лошите искуства се зад мене, и немам проблем отворено да разговарам на темава со која се соочиле и се уште се соочуваат илјадници жени секојдневно – за ,,Фокус” вели популарната фолк пејачка Елена Велевска.

Деновиве таа имаше повод за веселба, бидејќи се всели во својот нов дом, стан во родниот Прилеп. По подолг период поминат во домот на нејзините родители, вели дека сега има свое катче.

-Не се работи за некој голем и луксузен стан, ова е мал, топол дом, каде секогаш кога ќе дојдат моите деца ќе имаат свое катче. Преблагодарна сум на моите родители кои секогаш ми се поддршка, тие се секогаш покрај мене, но сепак на секого му треба свој простор. Кога заминав од Охрид, знаев дека ме очекува нов почеток. Долги години на работа, труд, и на крај се најдов во една ситуација кога требаше повторно да создавам одново. Не се жалам, иако признавам дека воопшто не беше лесно.

Целиот живот, од најрана младост јас сум работник, со својот труд чесно го заработувам секој денар. Токму поради тоа не си дозволив да потклекнам. Веднаш по разлабавувањето на мерките поради пандемијата со сите сили се посветив на работата. Го средив живеалиштето во Прилеп, планирам да купам и свој дом во Скопје – вели Велевска.

Нејзините три деца по разводот останаа во Охрид, каде живеат со нивниот татко. Таа отворено зборува за таа одлука, која не била лесна, но сепак се водела според она кое е најдобро за нив.

-Мојата професија не е со фиксно работно време. Настапи, гостувања во разни градови, турнеји надвор од земјава. Колешките, но и сите останати жени кои имаат слична работа знаат добро како е. На децата им треба постојаност, еден родител мора секогаш да биде покрај нив во овој период додека растат, созреваат. Затоа одлучивме тие да останат во Охрид. Најважно ми беше да бидат заедно сите три, да не се делат. Нивната среќа секогаш е на прво место, и се трудам да бидам максимално присутна во нивните животи и покрај тоа што останав во Прилеп.

Кога е нешто за нивно добро, нема место за предрасуди, за пристрасност, за лични интереси. Децата не се само приоритет, туку тие се се во животот, и за нивно добро вреди секоја родителска жртва.
Имаат разбирање за мојата работа, знаат дека патувањата се дел од мојата професија, се обидуваме да го надоместиме пропуштеното- раскажува Елена.

Периодов, освен со преселбата во новиот дом, била окупирана и со снимање на нов албум кој треба да биде промовиран наредните месеци. Станува збор за ЦД со староградски песни, снимени во нов аранжман.

-Се радувам на новиот албум, презадоволна сум од тоа како се спакувани овие наши, прекрасни македонски песни, верувам и на публиката ќе и се допадне. Истовремено, се подготвувам за настап во Швајцарија, а потоа во декември започнува мојата турнеја во Америка. На пролет пак, имам договорена турнеја во Австралија.

Иако во животот имав тешки периоди, никогаш не зажалив што го посветив на песната, на публиката која ми дава сили да одам напред, да бидам поуспешна, и секогаш се трудам да понудам нешто ново на сцената. И тој труд секогаш беше препознаен и награден со аплаузи, со поддршка и љубов од моите слушатели.

Предавањето не било опција за мене никогаш, и речиси во секоја лоша ситуација спасот го наоѓав во работата. Се трудев да излезам посилна и помудра од секој предизвик, иако не беше секогаш едноставно и лесно. Ме води напред љубовта од децата, од блиските, од публиката. Благодарна сум за се што имам во животот и се чувствувам благословено што и по сите овие години на естрадата моите настапи минуваат со огромен број на публика, која знае да ја препознаe вистинската емоција – ни раскажа Велевска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости