Реномираниот фестивал на забавни мелодии Макфест годинава ќе се одржи на 25-ти и 26-ти октомври во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. На 39-то издание на манифестацијата ќе настапат нови музички надежи, но и веќе докажани имиња на домашната сцена.
Елена Ристеска, Дани, Димитар Андоновски, Дарио, Павле Камиловски, Симона Поповска, Антониа Гиговска, Теа Трајковска и Таско се само дел од најавените учесници.
Рефрените на песните пак, се објавени на Инстаграм страницата на Макфест.
Организатор на фестивалот е Општина Штип, уметнички директор е Роберт Саздов, а Јован Јованов е член на уметничкиот совет.
Од сцената на Штип во годините наназад излегоа голем број на евергрини.
Прва победничка на фестот беше Хелена Благне со песната ,,Кога те нема”, во 1986 година. Потоа победници беа Трајче Манев со ,,Осамен”, Киќо Слабинац со ,,Не враќај се, не буди ме”, Зорица Конџа со ,,А Бог знае”, Љупка Димитровска со ,,Ѕвона ѕвонат”, Олгица Христовска со ,,Свирете ја зајди, зајди”, Тања Кочовска со ,,Твојте очи сине”, Дуле и Коки со ,,Виолина и гитара” и други.
Повеќекратен победник е Ристо Самарџиев, и тоа двапати како соло пејач, со песните ,,Таму кај што си” и ,,Песна за љубовта” и двапати за дуетите ,,Се е исто како лани” со Ирена Крстевска и ,,За милион години” со Дуле и Коки во 2009 година.
Вики Клинчарова