Елена Петрова денеска формално ја презеде функцијата директор на УЈП, од замeник директорот, Мевљудин Синани.
Елена Петрова е професионалец со долгогодишно работно искуство во УЈП, која во моментот на назначувањето беше раководител на Секторот за наплата и управување со долгови.
Петрова изјави дека нејзина долгорочна и стратешка агенда е трансформацијата на УЈП, создавање „нов лик” на УЈП, „нов амбиент” и за даночните обврзници, за даночните службеници и за соработниците на даночната администрација.
„Во УЈП ќе поттикнам динамичен курс на работа со цел за дигитализација и трансформација, за да обезбедиме плаќањето данок и услугите од УЈП да бидат најмало можно административно оптоварување, а што повеќе да бидат „природно” вградени во деловните системи на компаниите и на „близок дофат” на граѓаните“, изјави Петрова.
Обраќајќи се на даночните обврзници, таа истакна дека ќе негува кооперативност со даночните обврзници преку мрежи за директна соработка и отворена дебата за сите заеднички предизвици во плаќањето даноци и остварувањето на даночните права.
„Даночните обврзници спроти себе нема да имаат бирократи кои настапуваат од позиција на моќ, туку администрација која обезбедува лесно достапни информации, едноставни алатки и директна помош кои ќе водат кон точно плаќање на даночните обврски и лесно и брзо оставрување на своите права“ рече Петрова.
Таа рече дека ќе се залага за интензивна соработка со меѓународните организации, експертската јавност, медиумите и други засегнати страни, со цел со заеднички напори да оствариме позитивно влијание, зголемена даночна свест и даночен морал во општеството.
Петрова најави бескомпромисна борба со неплаќачите и затајувачите на данок и криминалните даночни измами, одговорност и казни за секој што ги оштетува народните пари заради противправно стекнување лична имотна корист.