Поп пејачката Елена Петреска е една од многубројните домашни музички гости, кои наредниот месец ќе настапуваат на манифестацијата Пивофест 2022 во Прилеп.
По подолг период таа ќе пее на општински настан во својот роден град, а годинашниот променет концепт на фестивалот, кога наместо на големи балкански музички ѕвезди, акцентот е ставен на домашните музичари, според неа е одличен потег на организаторот.
За ,,Фокус” Петреска вели дека треба да се знае кому му следува поддршка и кој треба да има приоритет во својата држава, бидејќи само така може да се очекува напредок на нашата естрадна сцена.
-Пивофест е пример како треба во една држава да одат работите, на кого се дава приоритет и поддршка! Немам ништо против колегите од соседните држави, но факт е дека Македонија за нив е исто што и Австралија за нашите пејачи. Тука ги заработуваат најголемите хонорари, појаснува пејачката.
Таа потсетува дека голем број на наши композитори им ги пишуваат песните на музичарите од српската естрада, но во земјава имаме еден вид на синдром, постојано да го величиме она кое доаѓа од страна.
-Факт е дека македонската естрада не е на завидно ниво, не во смисол на пејачи, туку во однос на можностите кои ни се со ограничен капацитет. Не е дека нема добри песни, впрочем истите тие наши композитори ги пишуваат и песните за српската естрада. Но, нашиот синдром да се почитува и цени се што е од надвор, не донесе до тука.
Ако и ние сме поддржани од спонзорите, од локалите, дискотеките, медиумите, нема ништо да не запре да твориме и да имаме одлични настапи и песни – изјави Петреска.
Како потсетување, годинава организатор на забавната програма на Пивофест е Арт 10 продукција. Челниот човек на продукцијата, Пеце Стоикоски, минатата недела за ,,Фокус” раскажа дека годинава нашите пејачи имале разбирање за тешката економска состојба, па затоа излегле со разумни цени. Хонорарите кои ги барале за настап на Пивофест изнесувале од 1.000 до 10.000 евра.
Потврди дека по финализирањето на договорите со избраните пејачи, транспарентно ќе ги објави сите суми и јавноста ќе знае кој музичар за колку пари настапил на фестивалот.
Покрај Елена Петреска, годинава ќе гостуваат и Ламбе Алабаковски, Наум Петрески, Некст Тајм, ДНК, Игор Џамбазов, Лозано, Елена Велевска, Нино Величковски, Владо Јаневски… Од регионалните музичари, настап ќе имаат ,,Дивје јагоде”, ,,Галија” и ,,Балканика”.
Вики Клинчарова