За време на свечената вечера која во чест на шефовите на делегации на сојузниците на НАТО и партнерите, ја приредија претседателот на Литванија, Гитанас Науседа и неговата сопруга Дијана Науседа, сопругата на премиерот Димитар Ковачевски, Елена, повторно се појави во издание кое плени со својата едноставност и софистицираност.
Во креација на Тања Кокев, црн фустан со впечатлива рачно изработена бела ружа и црни салонки, таа уште еднаш покажа дека со својата скромност и елеганција умее да го привлече вниманието на јавноста и да остави впечаток на достоинствено претставување на својата неформална функција – Втора дама на Македонија, која во Вилнус го придружува својот сопруг на дводневниот Самит на НАТО.
Белата ружа во светот е симбол на вистинска љубов, чистота, чест и почит. Означува нови почетоци, мир и духовно добро, па затоа редовно се користи во цветни аранжмани за крштевки, свадби и причести.
Со изборот на овој моден детал, Ковачевска на настанот на ненаметлив и суптилен, но сепак впечатлив начин ги пренесе пораките кои ги симболизира овој цвет.
Ова не е прва соработка на Ковачевска со дизајнерката Кокев. Минатата година во септември таа за првпат откако нејзиниот сопруг е на функција имаше протоколарно појавување во јавност, во Њујорк, на прием организиран од првата дама на Турција Емине Ердоган во рамките на промоција на иницијативата ,,Нула отпад” и го придружуваше Ковачевски на Генералното собрание на Обединетите нации.
И тогаш заблеска во едноставна креација во бургунди боја, а дизајнерката за ,,Фокус” истакна дека е задоволство да се работи со Елена, која е многу шик жена, но на едноставен начин, скромна и едноставна.
За креацијата со која се појави во Вилнус пак, од Атеље Кокев велат дека им е чест што Ковачевска ја оживеала нивната бела, рачно изработена ружа.
-Доколку во еден симбол може да се содржи значењето на љубов, убавина, сензуалност и мистичност- тоа би била ружата.
Нејзината уникатност и никогаш повторлива форма на листовите, претставува уметничко дело на природата. Нашата рачно изработена ружа претставува композиција на форми од листови кои ниту еден не се повторува со друг.
Комбинацијата на различни текстури на материјали придонесе да добиеме воздушест и префинет изглед. Но, како и секој цвет кој својот расцут го добива со доза на сончева светлина.
Ја имавме честа што г-ѓа Елена Ковачевска беше облечена во Кокев и ја оживеа нашата рачно работена бела ружа-за ,,Фокус” истакнаа од Атеље Кокев.
Вики Клинчарова