Познатата гајдаџика и фолк пејачка Елена Јовческа се збогувала со своите 83 килограми, и успеала да ја доведе линијата во ред, губејќи 20 килограми за една година. Не крие дека долги години се носела со вишокот на килограми и килажата и варирала од 75, па се до 83 килограми, но со оглед на тоа што постојано има настапи и минува долго време стоејќи на сцената, потребно и било да биде во добра форма и да има кондиција.
За „Фокус“ вели дека патешествието со губењето на вишокот колограми воопшто не било лесно, а многу и помогнала Наде Василевска, која и изработила персонална програма и работела со неа. Освен променетиот начин на исхрана, таа започнала и редовно да вежба.
-И во времето кога имав 80 килограми, јас секогаш се трудев да изгледам најдобро на сцената, но сепак, сега ги чувствувам придобивките од слабеењето, освен визуелниот ефект, можам да кажам дека имам и повеќе енергија.
Кога некој е дел од мојата бранша, кога треба да се минат часови на сцената, многу полесно се чувствувам, ги немам проблемите со нозете од премногу стоење и играње, полесно ми е да ја работам работата која ја сакам, тоа е придобивката.
Можеби некој не се согласува со мене, има убавина и кај покрупните и кај послабите жени, за некои можеби сега изгледам подобро, за некои не, но мене сега ми е многу полесно- вели Јовческа.
Додава дека сосема ги исфрлила газираните пијалоци од менито, го исфрлила шеќерот, го исфрлила и лебот и тестенините. Се случувало да ја фати криза, посебно кога имала период на постење, односно „fasting“, кога во тек на 16 часа не јадела ништо, а потоа во наредните осум часа јадела умерени порции.
– Ми се случувало навечер да ми се спие, уморна сум, а не можам да заспијам бидејќи ми се јаде, гладна сум, поминале тие осум часа кога е дозволено да се јаде, па станував среде ноќ и правев какао без шеќер, чаеви, цедев лимон… Не беше лесно, ама успеав!
Јадев протеинска храна, но за да ја имам потребната енергија, земав и по неколку лажици ориз, или по неколку компирчиња, колку да се залажам. Никако не јадев цела порција! Сега, во последно време по губењето на килограмите, започнав да јадам цела порција, значи месо со гарнир.
На пример, мајка ми дома ќе приготви грашок со месо и компир, јас гледав да земам само малку од компирот, повеќе на месо и грашок и никако не јадев леб со таквите оброци, односно со манџите.
Сега гледам дека колку е човек послаб, толку изгледа помладолико, позадоволно од себе, поенергично, се исплати трудот – вели Јовческа.
Губењето на килажата позитивно и се одразило и врз професионалните активности. Зад себе има период на многу гостувања во странство, а веќе договорила и голем број на настапи за наредните месеци.
-Неодамна се вратив од Босна, каде бев специјална гостинка во ТВ емисија, преубаво ја претставив Македонија, пеев стари македонски песни и свирев на гајда.
На четврти ноември сум во Италија, во преговори сум за уште еден концерт во Германија, а за Новата година сум во Канада. Имам нова песна, подготвувам и песна со една наша млада идна колешка, и многу ме радува што младите ја сакаат нашата народна музика. Имам динамичен начин на живот со професионалните активности и редовните ангажмани, и успешната диета ми го олесни секојдневието за кое ми треба виталност и енергија – истакна таа.
Вики Клинчарова