Елена е во потрага по биолошките родители: Енигма е каде живеев до третата година, посвоените деца имаат право да си го знаат потеклото!

by Fokus

Елена Крџиќ, израсната во Прилеп, а родена на 17-ти декември 1973 година, веќе долг период е во потрага по своите биолошки родители. Таа за „Фокус“ ја открива својата животна приказна, со надеж дека некој од читателите можеби ќе се сети и ќе препознае некој детал, па ќе и помогне да дојде до одговорите кои и се потребни.

-Не знаев дека сум посвоена се до мојата 25-та година. Моите родители во Прилеп кои ме одгледаа и кои ми пружија прекрасен живот, за жал долго ја криеле вистината за моето потекло. Кога на крај добив признание дека сум посвоена, сепак не ги добив и одговорите по кои и до ден-денес трагам. Кои се моите биолошки родители, зошто и каде сум била оставена, дали во биолошкото семејство има генетски болести…

Недостасуваат податоци за мене за првите двеипол – три години по раѓање, не знам каде сум била тој период, не знам од каде ме зеле родителите, само мајка ми кажа дека сум земена од куќа од Скопје.

Во 1976 година сум пријавена и тогаш влегувам во системот. Социјалната работничка со која разговарав, а која е веќе во пензија, ми кажа дека дури и не сум била имунизирана се до мојата трета година, сум немала картон за имунизација, значи првите вакцини ги добивам по мојата трета година, откако ме зеле родителите во Прилеп. Каде сум била тие три години од мојот живот, посвоена ли сум, украдена, ништо не знам и не добив одговор од родителите кои веќе одамна се починати.

Она кое е впечатливо е што татко ми имал 50, а пак мајка ми 43 години кога ме довеле во Прилеп, и несфатливо е како во тоа време, на таа возраст им било дозволено да посвојат дете. Да не бидам грешно сфатена, јас сум им благодарна на родителите што ми пружија огромна љубов, ме гледаа како капка вода на рака, но сепак, морам да си го најдам биолошкото потекло, да си го откријам идентитетот поради повеќе причини – раскажува Елена.

Додава дека таа, но и нејзините деца имале здравствени состојби поради кои се загрижила околу генетиката, но исто така, во мала земја како Македонија, вели дека е оправдан и стравот од инцест. Како што вели, секој човек има право да си го знае потеклото, а институциите мора конечно да поработат на тие прашања околу правата на посвоените лица и да се започне со промени на постоечките закони.

-Која сум јас, каде сум ги поминала првите три години од мојот живот? Некој мора да ги има одговорите. Се обратив до Народниот правобранител, се обратив до обвинителството, па и до Детската амбасада – Меѓаши. Одговори нема.

Имам неприкосновено да право да знам од каде потекнувам, за да можам да продолжам мирно со мојот живот. Вака, со години неуморно трагам по вистината сама, без помош од било која институција и знам дека не сум единствена, огромен број на лица во слична состојба ми се јавуваат, значи големи се бројките на оние кои си ги бараат корените и не смеат да бидат игнорирани – вели Елена.

Открива дека пред две години направила ДНК анализа и се обидела преку My Heritage да дојде до одговорите. Токму од таму и ги добила првите сознанија за своето евентуално потекло.

-Нешто во кое многумина имаат верба е My Heritage. Таму е најголемата база на податоци на оние кои се потрага го потеклото и по блиски роднини. Дома го направив тестот, односно ми беше земен брис, потоа испратен во САД. Од таму бев контактирана и ми јавија дека има совпаѓање, односно се работи за роднини од прво колено. Како што се испостави, внук на моја прва братучеда по биолошкиот татко правел анализа, така и дојдов до него и неговата мајка.

Стапивме во контакт, братучедата ми кажа дека нејзиниот вујко, односно брат на мајка и, кој живее во Дубаи, во периодот од 1970 до 1972 година живеел и студирал во Скопје.
Неговото име е Suad Mohammed Mannaa, но поради нивни традиции и тамошната култура, братучеда ми кажа воопшто да не го барам, бидејќи тој наводно никогаш не би признал, дури и да сум му ќерка.

Моја претпоставка е дека тој заминал од Скопје уште пред јас да се родам, но сепак, тој ми е единствена надеж во моментот за да дојдам и до идентитетот на мојата биолошка мајка. Затоа, замолувам доколку некој знае нешто за него, за времето додека студирал во Скопје, да ме контактира – апелира Елена.

За себе вели дека е висока и витка жена, со кафеава кадрава коса и кафеави очи. Претпоставува дека можеби и мајка и е со слична физиономија.

-Висока сум 182 сантиметри, ако тоа може да биде податок кој би помогнал… Од она кое ми го раскажа мајка ми, таа сама одела во Скопје повеќе пати, додека да успее да ме земе на крај. Татко ми отишол со неа во Скопје само еднаш, на денот кога ме зеле и донеле во Прилеп. Од една куќа те зедовме, на високо беше, не ни знам точно од каде, со тие зборови ми кажуваше мајка ми. Не знам дали поради возраста, не помнеше детали, или пак намерно не сакаше да ми открие… Останаа многу неодговорени прашања поради кои мојата потрага се уште трае.

Имам поддршка од пријатели, мојот апел деновиве беше споделен и на повеќе страници на социјалните мрежи, со цел приказната да допре до целиот регион.

Која е мојата биолошка мајка, дали е од Скопје или од некој друг град, дали и таа студирала и така се запознале со мојот биолошки татко, кој се грижел за мене до мојата трета година, каде сум била сместена? Ако сум била во институција, ќе сум ги примела и редовните вакцни, што не било случај со мене.

Која е историјата на наследни болести кај биолошките родители? Имав ситуација со моето дете, кога поради здравствени предизвици дури и се запрашав дали јас воопшто смеев да раѓам. Како да се дојде до овие одговори и кој смее да ми го скрати правото да знам за себе и своето потекло?

На потег се институциите, не смее повеќе да се молчи и мора да се направат измени, за да огромен број на луѓе ги добијат одговорите на кои имаат право, и да најдат мир. Замолувам доколку некој има било каква информација, да ме контактира на мојот телефонски број 078 887 824 – апелира Елена.

Во изминативе години, откако интернетот и социјалните мрежи станаа доста популарни во земјава, се почести се апелите на лица кои се во потрага по своето билошко потекло, но и на родители кои оставиле дете на посвојување.

„Фокус“ објави повеќе такви приказни, а неколку од нив за кратко време добија и епилог. Некои од прикзаните имаа среќен крај, кога истовремено се барале родители и деца, но имаше и такви кога биолошки родители одбија контакт со своето дете кое го оставиле на посвојување, бидејќи продолжиле со животот и формиле семејство кое не знае за нивното минато и за податокот дека некогаш добиле дете од кое се откажале.

Вики Клинчарова

Поврзани новости