Електромагнетните бранови може да бидат причината за мистериозниот „Хавански синдром”, што ги погоди американските дипломати и војници ширум светот, соопштија вчера од американското разузнавање, потврдувајќи ја претпоставката за намерни напади.
Според експертската група консултирана од разузнавачките агенции, електромагнетните и ултразвучните бранови со краток дострел би можеле да бидат причината за некои „анормални здравствени инциденти” (IAS), како што го нарекуваат во административен жаргон посочениот сиднром.
Постои технологијата што е способна да ги предизвика забележаните симптоми (главоболка, гадење, вртоглавица, па дури и невролошки оштетувања), додаваат експертите и покажува дел од нивниот извештај објавен од Американската разузнавачка агенција.
Од стотиците прегледани дипломати и војници, „дел од ИАС не може едноставно да се толкува како еколошки или медицински состојби и може да се припишат на надворешни стимулации”, се наведува во документот.
Според експертите, можно е да се дизајнираат уреди кои лесно може да се сокријат, а електромагнетни или ултразвучни бранови да се пренесат на човек. Но, тие не кажаа дали таквите уреди веќе постоеле и дали веќе имало такви напади.
Нивниот извештај е во спротивност со некои неодамна објавени заклучоци за недостатокот на докази за вмешаност на странска сила во мистериозната болест.
Минатиот месец, висок функционер на американската Влада, кој сакаше да остане анонимен, изјави дека е „невозможно е странски фактор, вклучувајќи ја и Русија, да води подолга глобална кампања за да им наштети на персоналот (амбасадите на САД) користејќи оружје или уред”.
Повеќето случаи се објаснуваат со медицински состојби, вклучувајќи и недијагностицирани болести или еколошки и технички фактори, изјави тогаш претставникот на ЦИА.
Но, дваесетина случаи се уште не се расветлени.
Експертите, чиј извештај вчера беше објавен, отфрлија голем број теории, како што е употребата на јонизирачко зрачење како резултат на радијација, хемиски и биолошки агенси, сонарно или звучно оружје или топлина генерирана од електромагнетна енергија.
Сите овие теории се „неверојатни”, заклучија тие.
Во 2016 година, синдромот првпат ги погоди американските и канадските дипломати кои служат во Куба, па оттука и името „Хавански синдром”.
„Анормалните здравствени инциденти” подоцна беа регистрирани и во други делови на светот (Кина, Германија, Австралија, Русија, Австрија), па дури и во Вашингтон.