Откако ноќеска напаѓач во германскиот град Ханау, источно од Франфурт, уби девет лица во два наргиле барови, а потоа ја убил својата мајка и самиот себе, полицијата откри дека станува збор за 43-годишниот Тобијас Р. , етнички Германец и екстремен десничар.
Баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман и германското Сојузно обвинителство масакрот го оценија како радикално десничарски терориристички напад.
-Врз основа на пронајдените материјали и факти дека жртвите се главно од странско потекло мораме да тргнеме од тоа дека станува збор за злосторство мотивирано од радикално десничарски погледи и омраза кон странците, рече Херман.
Од манифестот што убиецот го оставил на интернет јасно се гледа дека тој бил екстремен десничар, но и дека имал сериозни психички проблеми.
Во манифестот на 24 страници, исто така, тој јасно кажува дека ги мрази сите имигранти, дека верува дека науката докажува дека некои раси се подоминантни од другите, но и дека повикува на протерување или елиминација на германските малцинства со потекло од Азија, Африка и Блискиот Исток, вклучувајќи ги и Евреите.
Тој признал и дека никогаш немал врска со жена- не затоа што не можел, туку затоа што ниту една не била доволно добра за него, но и дека верува дека тајната служба од детството му ги чита мислите и дека неговите идеи се украдени од американскиот претседател Доналд Трамп и германскиот фудбалски тренер Јирген Клоп.
Во секој случај , овој грозен терористички напад, во кој повеќето од жрвите биле имигранти (главно Курди од Турција, но и еден државјанин на БиХ) повторно ја отвора темата за десничарскиот екстремизам и со него инспираниот тероризам во Германија, како и во цела Европа и на Запад.
Само еден податок е посебно отежителен. Имено, според германската внатрешна разузнавачка агенција, екстремно десничарските терористи во текот на минатата деценија сториле дури 10.105 насилни злосторства, а од 1990 година до денеска и 83 убиства. Во споредба со нив, исламските терористи во истиот период убиле 17 лица, четири пати помалку од десничарите.
Околу 12.000 лица се наоѓаат на пописот на десничарските екстремисти што го водат германските безбедносни служби. А откривањето на неонацистичките терористички ќелии стана речиси редован појава во земјата -минатата недела беа уапсени 12 членови на една таква илегална група , наречена „ Цврсто јадро“ (“Der harte Kern”), која наводно планирала дестабилизација и уривање на германскиот уставен поредок.
„Целта на десничарските терористички организации е слабеење и конечно уривање на државниот и општествениот поредок на Германија. За таа цел во нападите врз засега непознатите политичари, бегалци и граѓани од муслиманска вероисповед тие требаше да предизвикаат услови слични на граѓанска војна“, соопшти Сојзуното државно обвинителство во Карсруе.