За автопатите што ќе се градат на коридорите 8 и 10д во април годинава се спроведени геотехнички и топографски испитувања на делниците Гостивар – Тетово, Букојчани-Гостивар и Битола-Прилеп.
На делниците Букојчани-Гостивар и Битола-Прилеп имало и земјени работи, а делницата Ќафасан-Требеништа-Струга нема никакви активности, покажува Извештајот на надзорот за прогресот на изградба на автопатите што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Во текот на април годинава, изведувачот работел претежно на дизајн на експропријација, геодетска мрежа, топографски премер, геотехнички испитувања, спецификации и дизајн на автопат.
Извештајот покажува дека за делницата Гостивар Тетово извршени се 89 проценти дизајн на експропријација, за Букојчани – Гостивар на 49 проценти, а за делницата Битола Прилеп на 86 проценти.
„Дизајнот на експропријација е од суштинско значење за проектите на автопатот бидејќи тоа е првиот проект потребен за започнување на активностите за проектирање на автопатот.
Проектот за експропријација е изработен како дел од Урбанистичкиот проект за објекти од стратешки интерес за автопатот. Дизајнот за експропријација е одговорност на работодавачот за кој се ангажирани специјализирани изведувачи.
Важна забелешка: Ова не е напредок на Експропријацијата. Дизајнот за експропријација е чекор потребен пред да се започне формален процес на експропријација.
Подготовката на проект за експропријација му овозможува на работодавачот да започне процес на евалуација, но процесот на експропријација може да започне само откако Урбанистичкиот проект за згради од стратешки интерес ќе биде одобрен од Владата на Република Северна Македонија“, објаснува надзорот на „Бехтел и Енка“.
За Гостивар-Тетово се изготвени 88 проценти од урбанистичките проекти, за Букојчани Гостивар 272 проценти, а за Битола-Прилеп 75 проценти. На трите делници во целост се спроведени топографските истражувања. Направени се 80 проценти од потребните геотехнички испитувања за патната секција Гостивар-Тетово, 56 проценти за Букојчани-Гостивар и 44 проценти за делницата Битола – Прилеп.
Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра беше потпишан во март минатата година. Со него треба да се изгради автопатска мрежа во вкупна должина од 109 километри.
Од другите автопати во изградба, Собранието минатиот месец изгласа законски дополнувања со кои 31 декември 2026 година е утврден како краен рок за завршување на автопатот Кичево-Охрид во должина од 57 километри, што се гради од 2014 година. – Пролонгирањето е поради појавени 13 нови свлечишта на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница, образложи Владата за проектот што го гради кинески „Синохидро“.
Од автопатот во изградба Скопје-Блаце во вкупна должина од 12,5 километри, во завршна фаза е изградбата на првите два километри, а за останатите од втората фаза во тек е евалуација на понудите за избор на изведувач.
Орце Костов