Градоначалникот на Киев, Витали Кличко потврди дека во понеделникот рано наутро биле пријавени „неколку експлозии“ во главниот град. Кличко на Телеграм напиша: „Неколку експлозии во областа Шевченков – во центарот на главниот град. Сите служби се на терен. Детали подоцна“.
Има загинати и повредени, соопшти итната помош од регионот.
Сведок изјавил за новинската агенција Ројтерс дека по експлозијата во зграда во центарот на градот се кренал црн чад. Други објавија слики на социјалните мрежи наводно од градот, а некои тврдат дека „ракетниот напад бил соборен“ од украинските сили. Киев е главно мирен од почетокот на војната, а линијата на фронтот се движи кон исток и југ.
Антон Герашченко, висок украински советник на министерот за внатрешни работи, утринава преку Телеграм објави дека „Киев бил нападнат од беспилотни летала камикази“. Украинскиот пратеник Олексеј Гончаренко додаде дека една ракета паднала „точно во центарот на градот“. „Автомобилите горат, а прозорците на куќите искршени. Има мртви луѓе“, напиша тој на Твитер утрово.