Компанијата „Мајкрософт“ во Јапонија го тестираше влијанието на работна недела со четири дена кај своите вработени. Тестот требало да покаже како скратената работна недела ќе влијае на вработените, но и на ефективноста на работното место.
Во експериментот биле вклучени повеќе од 2.300 вработени кои секој петок во текот на пет недели биле слободни, без намалување на платата или пак намалување на бројот на денови од годишниот одмор.
При тоа се покажало дека скратената работна недела ја зголемила продуктивноста за 40 отсто.
Вработените биле многу задоволни од ваквиот начин на работа, а 92 отсто од нив сметале дека идејата за четиридневна работна недела и продолжен викенд е одлична, бидејќи им помогнала во воспоставување на подобра рамнотежа помеѓу работата и животот.