ЕКСКЛУЗИВНО: Црвенковски би ставен во „Турбина“ во УБК, и прислушуван заедно со сопругата, телохранителот и Савова!

by fokus

Освен „свиркачите“ Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, кои ја открија аферата со масовното нелегално прислушување во УБК, за начинот на кој се вршело прислушувањето, во судница сведочеше и инженерот Сашо Трајковски, кој бил и се уште е вработен во УБК.

Тој откри детали кои досега беа непознати за јавноста, а поврзани со нелегалното прислушување од 2008 до 2015 година. Па така, сведокот посочи дека најчесто нелегалните прислушувања на таргетите се вршело под псевдоними, откривајќи дел од нив.

„Лијаве“ е псевдонимот под кој беше прислушуван Велија Рамковски. Лијаве е испревртено од Велија, за да послесно се памети. Сепак, пред апсењето на Рамковски тој беше прислушуван и со судски налог, и тогаш во системот беше заведен со цело и презиме, откри сведокот, кој додаде дека во системот „Најс“ имало можност истиот број да се стави два пати, во различни случаи.

Сведокот појасни дека псевдонимите најчесто содржеле почетни букви од името и презимето на таргетот, односно комбинација.

-Имаше и други таргети за кои ако се следи логиката како беа креирани пасвордите, многу лесно ќе ви стане јасно за кого се работи. „Милан“ беше споено од Милешевски Антонио. Новинарката Оливера Трајковска беше прислушувана како „Олит“, а „Роге“, испревртено од Геро, беше Бранко Геровски. На истиот принцип беше добиен и псевдонимот на Хари Костов, односно „Риха“, сведочеше инженерот, додавајќи дека „Боив“ бил Боцевски Ивица.

Сведокот се сети и дека Љубе Бошкоски го воделе под псевдонимот „Брат“, а Љупчо Георгиевски како „Гељу“.

Тој рече дека имало и псевдоними за кои не можел да открие на кој начин биле создадени. Па така, „Пластик“ бил Трифун Костовски, „Таос“ бил псевдонимот на Драган Павловиќ Латас, а како „Тутин“ бил прислушуван Миле Јанакиески. Најмистериозен за него сепак бил псевдонимот на тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

-Она што беше зачудувачки е псевдонимот на министерката за внатрешни работи, односно „Тоус“. Зоран Ставрески пак се прислушуваше како „Кум“, меѓутоа по извесно време го снема, исчезна, истакна Трајковски.

Оние кои го прислушувале тогашниот опозиционер Зоран Заев не биле многу инвентивни бидејќи псевдонимот му бил „Заев“. Зад „Крст“ пак се криел Бранко Црвенковски, кој бил прислушуван под посебни услови.

-Во одреден период го водеа како Крст, а во периодот пред изборите во 2011 година за него беше додаден посебен случај. Случајот се викаше „Турбина“ и во него беа ставени неговиот мобилен телефон, ако не се лажам на неговата сопруга, домашниот телефон, мобилниот на Наташа Савова и на еден од неговото обезбедување, откри сведокот.

Тој уште еднаш прецизираше дека таргетите со судска наредба, односно оние кои легално биле прислушувани биле ставани со име и презиме, а останатите со псевдоними.

-Тука спаѓаа политичарите, поголемите бизнисмени и влијателните новинари, заклучи сведокот.

Насокоро во случајот „Таргет и Тврдина“ треба да сведочат и маркирачите, односно вработените во УБК кои на ливче добивале броеви кои незаконски требало да ги стават во системот за прислушување.

В.В.

Поврзани новости