Ексклузивно: Модерна „вмровска тројка“ подготвена да се справи со криминалните структури во партијата!?

by fokus 19:06
19:06

Викендов во Амстердам, Холандија, била остварена интересна средба меѓу Никола Димитров, Владимир Лазаревик и Перо Димшоски, а тема биле актуелните состојби во ВМРО-ДПМНЕ, дознава „Фокус“ од доверливи извори. Се крчка ли некаква акција за реформи во владејачката партија и можен ли е спој на оваа тројка со Форумот на слободоумните патриоти на професорот Јове Кекеновски, ќе се разјасни набргу. Но, ниту еден од оваа амстердамска тројка денеска не беше достапен да ги потврди или да ги отфрли овие информации.

Да потсетиме, Димитров е поранешен заменик-министер за надворешни работи и поранешен амбасадор на Македонија во САД и во Холандија, Лазаревик е поранешен заменик-министер за здравство и екссоветник на Никола Груевски, а Димшоски е поранешен заменик-министер за земјоделие, како и државен секретар за евроинтеграции.

- Advertisements -

Иако, своите кариери веќе со години ги реализираат надвор од политичкиот живот и од партиите, сепак, Димитров и Лазаревик важат како луѓе кои се блиски до одредени кругови околу старото ВМРО-ДПМНЕ.

Во минатиот број на неделникот „Фокус“, Димшоски ја спореди состојбата во која Груевски ја постави државата како сценарио од криминален филм, во кој на крајот ќе се испостави дека властодршците ќе мора самите себе да се уапсат.

Лазаревик, пак, се збогуваше со Никола Груевски преку два текста за „Фокус“, кои беа и најчитаните, со огромна поддршка на социјалните мрежи. Во својот настап на Алсат ТВ ја застапуваше тезата дека во владејачката партија има големи превирања и дека постои незадоволство од раководството на партијата. Тој побара лична одговорност од премиерот Груевски со цел да ја заштити партијата од колективната одговорност кон која ги води моменталното раководство. Позиција која е речиси идентична со ставовите на Кекеновски.

Оттаму, станува реална и опцијата дека оваа тројка веројатно е во координација со иницијативата што ја спроведува на терен професорот Кекеновски преку Форумот на слободоумните патриоти. Имено, токму Лазаревик отворено ја поддржа иницијативата на Кекеновски и потврди дека имаат остварено средба. На прашањето на новинарот Васко Попетревски во „360 степени“, дали има јадро во ВМРО-ДПМНЕ кое може да се дистанцира од актуелното раководство, Лазаревик одговори:

Се разбира дека има. ВМРО-ДПМНЕ е голема партија и не можете да очекувате дека сите луѓе што гласале за Никола Груевски денес се согласуваат со раководството.“

Во иста насока беше и неговата изјава за дневниот весник „Слободен печат“. „ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже дека е демократска партија која ќе се справи со овој досега најголем предизвик во поновата историја.

Дали овие пораки имаат и подлабока основа? Дали е можно да се реализира овој спој во рамките на партијата во услови кога ВМРО-ДПМНЕ и владата на Никола Груевски се соочуваат со серија скандали и со тешки обвинувања? Во секој случај, се чини дека нешто се случува на теренот.

Она што е исто интересно е дека и Димитров, Лазаревик и Димшоски не се типични претставници на вмровските гласачи. Сите тројца се школувани во странство, Димитров на Оксфорд, Лазаревик во Израел и Кембриџ, додека Димшоски е доктор на науки од Универзитетот во САД. Од гледна точка на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, оваа тројка идеално ги исполнува условите да бидат соработници на странските служби и не би нѐ изненадило да биде распишана потерница по нив.

Но, реалноста е сосема поинаква. Димитров беше и преговарач за името на Република Македонија, додека Лазаревик беше прв извршен претседател на Собранието на Светската здравствена организација за Европа. Од друга страна, тројцата повеќепати имаат нагласувано дека не се партиски членови и дека нивните кариери не се политички. Но, колку за потсетување, ниту Никола Груевски не беше член на партијата пред да стане нејзин претседател, а беше дел од владата на Љубчо Георгиевски, како независен експерт.

Сепак, ова ново-старо јадро што се формира надвор од партијата, но со цел да направи внатрешна пенетрација, ќе се соочи со дополнителен проблем. И, покрај јасниот потенцијал што го поседуваат како поединци докажани во своите професии, на оваа нова модерна „вмровска тројка“, која има многу контакти со меѓународната заедница, ќе им недостасува поддршка меѓу членството во базата. Но, затоа, пак, таму добри позиции има Кекеновски.

Ќе бидеме ли сведоци во наредниве недели на политичка борба во рамките на ВМРО-ДПМНЕ? Ќе се случи ли директен судир меѓу интелектуалното и криминалното крило во рамките на ВМРО-ДПМНЕ, нешто што Груевски не можел да го очекува ни на сон, а да ги употребам зборовите на Лазаревик, дури ни на владина седница развлечена како психоделичен локум.

Ало, началниче, по сѐ изгледа дека пучот не ѝ се случува на државата, „пучот“ ѝ се случува на партијата!?

 

 

Поврзани новости