Нови артефакти и сознанија донесоа годинашните истражувања на неолитскиот локалитет Врбјанска Чука кај Прилеп. Според македонските археолози и стручњаците од Европа, локалитетот кој датира од пред 8 000 години, со траги на живот од антиката и од средновековието, донесе нови сознанија и се сместува во еден од позначајните во земјава и ретките од тој период во Европа.
Како што објаснува доц. д-р Гоце Наумов од Музејот на Република Северна Македонија, новите сознанија потврдија дека нашите предци, кои биле меѓу првите земјоделци во Пелагонија, живееле интензивно, граделе повеќеслојни куќи, користеле пченица, јачмен, леќа, грашок и експериментирале со диви плодови во исхраната. Откриени се 11 економски објекти и 30-ина мелници за жито, нови шест скелети од преку вкупно 20 од средновековието кога било некропола и редок жртвеник-масичка со остатоци од животински коски.
Наумов рече дека откриле ретка масичка-жртвеник во кој како ретко кога се пронајдени коски и траги од горење. Тоа се животински коски и сега имаат индикации за што се користеле. Вакви жртвеници се многу ретки, а на овој локалитет е прв пронајден. Тоа е еден од поекслкузивните наоди кој го откриле годинава. Не е од најраните фази и е стар околу 7 800 години. Овој локалитет е мошне интересен зашто и годинава е потврдено дека станува збор за повеќеслојна неолитска населба која во антиката е користена како стопански објект за чување жито, а во средниот век како некропола. Во меѓуфази тумбата се користела за чување жито. Јамите откриени се од средновековието и навлегуваат во неолитските слоеви.
-Токму поради тоа имаме подобар увид за неолитските слоеви. Констатираме дека во некои делови од неолитската населба имаме градење дури и четири до пет куќи една врз друга. Значи дека се живеело многу динамично и интензивно и од соработките со странските институции добивме датирање на староста на локалитетот. Дознаваме дека луѓето овде, во континуитет, со генерации, живееле од 200 до 250 години. Тоа е импонзантен податок дека толку мала неолитка населба, во релативно краток период од околу 250 години има повеќеслојно градење. Сега знаеме дека има интензивно, динамично живеење на земјоделци кои, на некој начин, овде во Пелагонија го донеле земјодлството, зашто пред 8 000 години не е докажано дека на овие простори, во Пелагонија, имало земјоделство. Знаеме дека земјоделците граделе многу цврсти, стабилни градби. Откривме дури 11 стопански структури за чување, обработка на житото, како и 30-ина мелници. Откривме дека тие се превртени, зашто така правеле пред да го напуштат објектот и да живеат на друго место. Едноставно ги сплаувале, според обредните обичаи, објаснува Наумов.