Текстот е објавен на 27 мај, 2025 година во неделникот со број 1547
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Пред десетина дена, скандалот „Онкологија“ што го отвори „Фокус“ заврши со две обвиненија на маса, од кои едното за финансиски криминал, додека другото и уште пострашно за несовесно лекување на пациенти на скопската Клиника за онкологија. Куп документи сведочат за сите страшни случувања во болницата, во периодот од 2018 до 2022 година, односно од моментот кога беше воведена скапата биолошка терапија.
По речиси две и пол години откако „пукна“ најстрашната здравствена афера, доби некаква завршница, иако крајот уште не се гледа, со оглед на тоа што обвинетите мора да седнат и на обвинителна клупа, каде што на товар им се ставаат тешки кривични дела, за кои, ако ги осудат, ги чекаат многу години зад затворски решетки.
Предметот е поделен на два дела. Првото обвинение се однесува на економското работење на клиниката и опфаќа две лица, а тоа се екс медицинскиот директор Нино Васев и поранешниот економски директор Нехат Нухи. Тие се гонат за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата, со што го оштетиле буџетот за 2,2 милијарди денари. Делата ги сториле од 2018 до 2022 година.
„Со дејствијата прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на Буџетот. Исто така, двајцата се обвинети за измама, па во вршење службена должност го довеле до заблуда Фондот за здравствено осигурување да изврши незаконита исплата.
Набавувале лекови на реверс, без да постои правна основа на тоа. Потоа правеле постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни, бидејќи набавувачите ги фактурирале претходно набавените лекови. Со вакви противзаконити дејствија креирале противправни обврски на Фондот“, рече Ана Гоговска-Јакимовска, обвинителка во случајот „Онкологија”.
Второто обвинение, најстрашното во овој здравствен скандал, се однесува на третманот на пациентите и начинот на кој биле лекувани болните од карцином. Тоа опфаќа четворица лекари онколози.
„Прв обвинет е поранешниот директор на Клиниката, се товари дека извршил тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување на болни. Другите се товарат за несовесно лекување болни. Со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти, првообвинетиот применил неподобен начин на лекување, со што тешко го нарушил здравјето на пациентите.
Во дел од случаите му било ова овозможено од вториот обвинет, кој му дал факсимил и податоци за влез во системот. Другите двајца лекари се обвинети за несовесно лекување болни, бидејќи врз основа на медицинските истории, се утврдува дека одредувале лекови од новите генерации, во фаза кога било очигледно дека пациентот нема да има корист поради лошиот статус, без да се наведе висината и тежината на пациентот, со отстапување од дозирањето, со што дополнително ја влошиле нивната состојба“, додаде на прес-конференцијата, обвинителката Гоговска-Јакимовска.
Како што во моментов изгледа работата, потврдени се повеќето од информациите на „Фокус“, каде што со имиња ги објавивме и во детали објаснивме што сѐ правеле обвинетите и како монструозно удриле по здравјето на најтешко болните, само да дојдат до одредена финансиска корист.
Тешко на болните од карцином и нивните семејства, особено оние што се на листата на починати и за кои е веќе докажано дека некој си поиграл со нивното кревко и лошо здравје. Поточно, со еден збор, ги умрел!
ЛИСТА НА ПОЧИНАТИ ПАЦИЕНТИ, НЕСООДВЕТНО ЛЕКУВАНИ
Морничавата приказна за Онкологија трае повеќе од две години, но најтешкиот дел беше да се докаже како лекарите-онколози си поиграле со здравјето на своите пациенти болни од рак, па наместо да им ја пружат соодветната здравствена заштита и да ги лекуваат, тие им овозможиле побрзо да починат. Страшно, но вистинито.
Клиниката за онкологија претставува последната шанса за живот на болните од карцином, кои се соочиле со најстрашната дијагноза и кои на некој начин и психички и физички се изморени да се борат со тешката и подмолна болест како ракот. Уште поголеми проблеми им прават неколкучасовните чекања на клиниката, битката да дојдат на ред да ги примаат терапиите, лошиот однос на дел од лекарите, па и уште сега, соочувањето со уште потешката вистина, дека некои од нив се несоодветно лекувани, а и веќе починале.
По отворањето на аферата, од онколошката клиника беа собрани сите медицински досиеја на пациентите, кои се лекувале од 2018 кога беше воведена скапата биолошка терапија, па сѐ до 2022 година, кога од директорското столче беше тргнат Васев.
Уште во тој период постоеја сомнежи за незаконско работење на клиниката, но не и дека некој се дрзнал да удри по болните, кои токму таму го поминуваат поголемиот дел од своето време и ја бараат последната трошка надеж.
Според информациите до кои дојде „Фокус“, најпрвин била завршена истрагата за финансискиот криминал на клиниката, но отпосле скопското Обвинителство направило натчовечки напори за да може да се прочешлаат медицинските истории на бројни пациенти и да се пратат на вештачења во Србија и во Словенија.
Во тоа помогнал и технички вештак на истрагата, поточно надворешен лекар-онколог, кој дал зелено светло, кои од медицинските истории се сомнителни во начинот на лекување на пациентите.
Од сите прегледани истории, 65 биле издвоени, испратени и анализирани од вешти лица во Србија и во Словенија. Словенечките експерти потврдиле несовесно лекување кај 29 пациенти, додека, пак, дополнителни 18 биле потврдени од српските вештаци.
Тоа значи дека кај вкупно 47 пациенти болни од рак било докажано несовесно лекување, а на нивна сметка се зголемувале финансиските злоупотреби на клиниката, особено со биолошката терапија, каде што една ампула чини од 2.000 до 8.000 евра.
Откако завршила првата истрага, се чекале резултатите од вештачењата за да се отвори уште една истрага, со што истовремено се покренуваат две обвиненија во кои се опфатени поранешните директори Васев и Нухи и уште тројца лекари-онколози Мери Пешева од Одделот за дојка и десна рака на Васев, како и доктор Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски од Одделот за бели дробови, кои во обвинението се товарат дека им давале несоодветна терапија на болните.
„Фокус“ уште пред повеќе од две години објави повеќе од десетина примери на пациенти што биле несовесно лекувани, лековите што се користеле и начинот на кој се третирале, колкави дози им биле давани, а колку им биле скратени…Некои од нив биле и предозирани со терапии, кои само дополнително им ја влошиле здравствената состојба. Но, да почнеме од почеток.
СТРАШНИ ЛЕКАРСКИ ГРЕШКИ ГИ УНИШТИЛЕ ДЕЛ ОД БОЛНИТЕ
Според информациите до кои дојде „Фокус“, во српското вештачење, кое стигна порано, многу поопшто е објаснето како биле лекувани пациентите и каде се направени лекарските грешки, додека, пак, словенечкото вештачење распослано на бројни страници во детали има објаснето сѐ за сите 29 пациенти. Докажано е несовесно лекување кај 47 пациенти на различна возраст од млади до стари, од кои повеќето починале.
Поточно, секоја медицинска историја на секој пациент е разглобена до најситен детаљ, од тоа како секој од нив биле лекувани, колкави дози на терапии примиле, кои се тие терапии, па целиот третман сѐ до моментот кога починале. Ги испитувале лек по лек. Повеќето од болните што се нашле на оваа листа, веќе се починати.
Нашите извори тврдат дека и во вештачењата е докажано дека кај деветмина пациенти што боледувале од различни видови карцином и се лекувале кај повеќе лекари, секој од својот онколог добивал ординирачка терапија, која требало да ја прими за болеста што ја имал.
Но, тоа не се случило, со оглед на тоа што тогашниот директор Васев самоиницијативно, со свој потпис им ја менувал терапијата на болните, кои воопшто не биле негови пациенти и им била давана друга терапија, која не одговарала на карциномот од кој се лекувале, а вијалите што ги земал, никој не знае каде воопшто завршиле.
Тоа што е уште пострашно, а што покажале и вештачењата е дека на дел од тие пациенти им биле пропишувани лекови, кои немале никакви симптоми за потребата од земање одреден лек, односно не одговарале на карциномот од кој се лекувале. Ова е откриено кај девет пациенти, за кои фиктивно се раздолжувани пет различни лекови.
„Дополнително, медицинскиот директор, користејќи ја неусогласеноста на состојбата на залихите искажана во сметководствената и материјалната евиденција и неусогласеноста меѓу месечните податоци за издадени лекови од аптека и примени лекови во организационите единици на Клиниката, за кои бил директно одговорен организацискиот директор, присвоил дел од лековите кои клиниката требало да ги има на залиха.
Станува збор за вијали и таблети од вкупно девет лека – херцептин, авастин, ербитукс, фулвестрант, тразимера, кадцајла, оксалиплатин од 50 и 100 милиграми и зелбораф, со кои за себе прибавил противправна имотна корист од најмалку 13 милиони денари“, се наведува во првото обвинение.
И во вториот обвинителен акт, главниот „шампион“ е Васев, кој и таму е првообвинет бидејќи применил неподобен начин на лекување и спротивно на онколошките протоколи, со отстапување на дозирањето и во фазата на лекување давал лекови од новите генерации на имуно терапија, со што тешко го нарушил здравјето на пациентите. Во дел од случаите, ова му било овозможено од втората обвинета, поточно од неговата колешка од истиот Оддел, Мери Пешева, која му ставила на располагање свој факсимил со кој одобрувал и пропишувал терапија и свое корисничко име и лозинка со кои раздолжувал терапија во системот на онколошката клиника.
Тоа што уште покажале вештачењата е дека на многу од пациентите им била дозирана многу поголема терапија од неопходната, а истовремено им била давана и комбинирана терапија, поточно хемотерапија и биолошка терапија, но во многу поголеми дози од нормалните. Дали оваа доза била реално аплицирана, или се пропишувала само на хартија, за потоа да заврши на црниот пазар, ќе открие судскиот процес во Кривичниот суд. Сепак едно е сигурно, дека овие пациенти не биле лекувани соодветно, за воопшто да им се даде можност да се изборат со болеста.
„Фокус“ поразговара со неколку доктори од клиниката за да ни објаснат на кој временски период се дава и хемотерапија и биолошка терапија. Тие едногласно потврдија дека станува збор за 21 ден, поточно на секоја трета недела, што е спротивно на начинот на кој биле лекувани дел од болните пациенти.
Според вештачењата, постојат и пациенти кои пред да се разболат се подебели, но откако ја добиваат болеста, постепено почнуваат да слабеат, па така има случај на болен од карцином на кој килажата му варира од 120 до 57 килограми, а за целиот овој период ја прима истата доза на терапија, која реално би требало да се одреди според тоа колкава е неговата килажа во моментот, кога го прима лекот. И тука се направени бројни лекарски грешки.
Но, тоа не е сѐ. Според нашите информации, на скопска Онкологија се случувале уште пострашни работи, кои го загрозувале здравјето на пациентите. Една од пациентките, чие медицинско досие било дадено на вештачење, била хоспитализирана на клиниката во 2019, а починала по четири години, односно во 2023 година. Таа имала карцином на јајчници.
Пациентката била со влошена здравствена состојба, а екс директорот Васев и пропишал хемотерапија и системска комбинирана терапија, иако според протоколите воопшто не смеела да прима ниту една терапија, со што на тој начин ѝ го загрозил уште повеќе здравјето, и покрај веќе влошената состојба, во која се наоѓала.
Вештачењата уште покажуваат дека досиејата биле чешлани едно по едно, па така на одредени пациенти многу често им била менувана терапијата, без да дозволат воопшто да почне да дејствува. За еден вид карцином ги предозирале со различни биолошки терапии, од кои повеќето не им одговарале. Не се почитувале протоколите и се комбинирале и по два лека, со што ги предозирале и ги довеле до ситуација да не можат повеќе нормално да функционираат.
Дури кај некои од пациентите, поради терапиите дошло до откажување на бубрезите, забрзано чукање на срцето, болести, кои покрај карциномот, дополнително им ја влошувале целата здравствена состојба.
Тоа се само дел од примерите, кои можат да се најдат во вештачењата, а кои го уништувале и разјадувале организмот на болните од рак, па сега се очекува сево ова да се докажува на суд, со што вкупно четири лекари ќе седнат на обвинителна клупа за свесно уништување на здравјето на дел од болните.
Според процедурата, сега на ред е обвинението да биде оценето, а веќе потоа да почне и судскиот процес. Во моментов, поранешните двајца директори на Онкологија се во куќен притвор, но од обвинителство се жалат и побараа ефективен притвор за Васев и Нухи, за што во моментот одлучува скопска Апелација. До затворањето на неделникот, сѐ уште немаше одлука дали ќе останат во куќен притвор или ќе завршат зад решетки.
Во меѓувреме, другите тројца обвинети лекари сѐ уште работат на Онкологија, со цел да не се наруши работната атмосфера, со оглед на тоа што нема доволно медицински кадар. Но, наредните случувања ќе покажат дали тие ќе продолжат или ќе бидат отстранети од своите работни места.
Рамка1:
ФИЛИПЧЕ: СЕ ПОТВРДИ ДЕКА НЕМАМ ВИНА ЗА „ОНКОЛОГИЈА“
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче категорично ги отфрли обвинувањата поврзани со случајот „Онкологија“ и го обвини ВМРО-ДПМНЕ за политичка манипулација и ширење лажни наративи.
– Сметам дека е добро што има резултат и апсолутно поддржувам да се истера целокупната постапка до крај. Доколку се утврди вина – нормално, секој да сноси одговорност согласно законот, рече Филипче, поздравувајќи ја завршницата на истрагата, која, како што истакна, јасно покажува дека тој не е ниту обвинет, ниту инволвиран.
Тој потсети дека бил повикан како сведок и дека ги предал сите документи за кои ВМРО-ДПМНЕ, преку пратеничката Рашела Мизрахи, неосновано тврдеше дека биле сокриени.
-Јас тие документи ги покажав во јавноста, значи неправедно бев обвинет и клеветен“, рече Филипче, додавајќи:
-Очигледно е, се докажа дека не е така.
Филипче беше јасен дека како министер ги испочитувал сите законски ингеренции и дека немал надлежност, ниту увид во стручната работа на Клиниката.
– Јас не можам – ниту, пак, кој било министер може – да биде свесен или да одговара за делот на стручната работа на која било јавна здравствена институција, истакна тој.