Покрај главниот услов, младите двојки да не се постари од 40 години, е и да се занимаваат со земјоделска дејност и да живеат во руралната средина, во рамки на семејното земјоделско стопанство во следните 10 години. Доколку младата брачна двојка не го исполни условот да живее и да работи на село 10 години, ќе треба да го врати целиот износ на дадената поддршка. Пред 11 години, со ваков сличен проект излезе тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, но сега, за да не биде копија на стари идеи, владата ќе го озакони финансирањето преку измени на Законот за земјоделство и рурален развој.
Пишува: Орце КОСТОВ
Владата, со идеја на поранешниот премиер Никола Груевски, ќе одобрува финансиска помош од 100.000 евра по брачна двојка за да ги стимулира младите што ги напуштиле селата да се вратат во своите родни огништа.
Пред 11 години, со ваков сличен проект излезе тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски, но сега, за да не биде копија на стари идеи, владата ќе го озакони финансирањето преку измени на Законот за земјоделство и рурален развој, кој веќе е достапен на ЕНЕР за јавен увид.
Главната цел на законот е заживување на руралните средини и стимулирање на земјоделците да се здружуваат за да станат поконкурентни.
Поддршката за враќање во родните села ќе важи за млади брачни двојки не постари од 40 години, кои ќе можат да инвестираат во изградба или реконструкција на објекти, купување земјоделска механизација, земјоделско земјиште и набавка на добиток.
„Финансиската поддршка изнесува 80 отсто од вредноста на прифатливи и направени трошоци, најмногу до 6.000.000 денари по брачна двојка. Периодот на користење на поддршката е проектен циклус во траење од три последователни години“, стои во новиот закон.
Покрај главниот услов младите двојки да не се постари од 40 години, е и да се занимаваат со земјоделска дејност и да живеат во руралната средина во рамки на семејното земјоделско стопанство во следните 10 години.
Доколку младата брачна двојка не го исполни условот да живее и да работи на село 10 години, ќе треба да го врати целиот износ на дадената поддршка.
По 100.000 евра ќе добијат и младите на возраст до 40 години што ќе отворат бизнис поврзан со земјоделството или шумарството, вклучително и основање нови семејни земјоделски стопанства или диверзификација на доходот на земјоделските домаќинства во неземјоделски активности и почнување бизнис за неземјоделски активности во руралните области, како дел од стратегиите за локален развој.
За млади земјоделци што ќе почнат земјоделска дејност е предвидена поддршка од 20.000 евра. Посебна поддршка е предвидена за жените како носителки на производството. Таа е во висина до 6.000 евра.
Помош од 10.000 евра ќе добиваат и младите што за првпат почнуваат да се занимаваат со земјоделска дејност преку наследување или преземање постоечко земјоделско стопанство или со воспоставување ново земјоделско стопанство. Тука условот е младиот земјоделец да има најмалку средно образование од областа на земјоделството или, пак, да поминал обука за добивање квалификации за земјоделска дејност и треба да е носител на земјодeлското стопанство.
Предвидени се и стимулативни мерки за инвестициите во руралните средини, меѓу кои е и субвенционирана камата на кредити што имаат годишна каматна стапка во висина до 8 отсто на годишно ниво, за период до 10 години, кои не се повисоки од 500.000 евра или во висина од 50 отсто од висината на каматната стапка на годишно ниво.
Истовремено, владата прави нов обид да ги стимулира земјоделците да ги осигуруваат посевите и сега, наместо 60 отсто, ќе бидат покриени до 70 отсто од трошоците за осигурување.
Планирано е и субвенционирање на каматата за кредити подигнати за инвестиции во руралните средини, кредити што не се повисоки од 500.000 евра.
Во законот влегува и „зелената нафта“, со која на државен трошок ќе се снабдуваат земјоделските стопанства.
КОГО ЌЕ ВРАЌАМЕ В СЕЛО?
Државата, со новиот оперативен план за вработување за 2025 година, обезбеди буџет од 40 милиони евра и со планот има за цел да опфати над 16.000 невработени лица, од кои 65 отсто се млади до 29 години.
Невработени лица можат да добијат неповратни средства до 5.000 евра за почнување сопствен бизнис. Оваа мерка не е нова и постои повеќе од 10 години, но варира висината на средствата одобрени за грант.
Млади претприемачи ќе можат да добијат 10.000 евра, а за здружување во ДООЕЛ од 13.000 до 20.000 евра, во зависност од бројот на вработени. Предвидени се и програми за стекнување практично искуство и развој на вештини барани на пазарот на трудот.
Но, дали имаме млади во земјава што сакаат да работат во правно несигурна земја, каде што царува корупцијата и крајно бавна и неефикасна администрација, која за почнување старт-ап е најважен елемент.
Според една од анализите на фондацијата „Фридрих Еберт“, повеќе од половина, односно 52,8 проценти од младите во Македонија би емигрирале во странство.
Во анализата се наведува дека најчестата причина поради која би заминале во странство е подобрување на стандардот на живот, пристапот до подобри можности за вработување и подоброто образование.
Во 2023 година, стапката на невработеност кај младите (15-29 години) изнесувала 25,4 отсто, што е значително над општата невработеност од 13 отсто.
Но, младите не се селат само поради лошата финансиска состојба, туку најмногу поради корупцијата, партизацијата, лошото здравство, лошото образование и недостиг од перспектива.
Некои од нив се обидуваат да се вратат и да дадат придонес за подобрување на состојбата, но се судираат со бирократија, непрофесионализам и дискриминација. Други, пак, се откажуваат од идејата да се вратат и го градат својот живот некаде на друго место каде што ќе имаат повеќе можности и среќа.
Зошто младите бегаат од државата и бараат подобар живот во странство? Одговорот е: бидејќи државата не им нуди ништо, освен разочарување, фрустрација и безнадежност.
„Емиграцијата на младите е дел од глобалната тенденција на мобилност на работната сила, која е поттикната од процесите на глобализација, интеграција и дигитализација. Меѓутоа, во случајот на Македонија, таа е и резултат на низа внатрешни фактори, како што се: нискиот квалитет на живот, недостигот од работни места и кариерни можности, нискиот квалитет на образованието и здравството, високата стапка на корупција и партизација, ниското ниво на демократија и владеење на правото“, констатираат социолозите.
Според едно истражување од 2018 година, 58 проценти од младите велат дека би се иселиле од државата, а 64,8 проценти се незадоволни од своето место во државата. Според една друга анализа од 2021 година, миграцијата на младите го чини Западен Балкан 5,5 милијарди евра годишно, од кои 3,08 милијарди се губење на растот на БДП. Тоа значи дека земјата ги губи своите финансиски ресурси, кои би можеле да се инвестираат во подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
НАЈЧЕВСКА: ОВА Е ОБИЧНА ИЗМАМА
Груевски враќаше млади на село, Ставревски субвенционираше станови и куќи, Заев и Ковачевски исто така доделуваа парична помош за млади до 29 години, а Мицкоски прави оперативни планови за вработување на младите. Изгледа како еден ист човек да им ја пишува програмата во која нема образование, правда, животна средина.
Професорката Мирјана Најчевска смета дека со вакви мерки нема да ги задржиме младите во Македонија. Таа вели дека, и покрај тоа што задржувањето на младите е истакнато како приоритет на секоја политичка партија, мерките што се предлагаат не се дел од едно системско решение што може да понуди континуитет кој ги надминува промените на политичките партии на власт и решенија што ќе се надоврзуваат едни на други и го надградуваат системот наместо хаотично, ad hock и паушално дејствување (често со контрадикторни приоди).
– Пред да се почне со привлекување на младите кон селата, потребно е да се изгради јасна и долгорочна аграрна политика што ја прави работата на село сигурна и посакувана, па да се инвестира во урбанизација на селата (како од аспект на инфраструктура, така и од аспект на основните услуги (градинки, амбуланти, супермаркети, интернет, културен живот). Вака кажано, 100.000 евра за враќање/одење на село е бесмислено и може да значи само уште една коруптивна зделка од која ќе спечалат ограничен број луѓе без никаков ефект.
Ниту една мерка што не се базира на претходни длабински истражувања за она поради што младите си одат од Македонија и она што може да го бараат/очекуваат доколку се вратат на село не може да биде реална. Ова не се ни популистички мерки, туку обична измама, вели Најчевска за „Фокус“.
Мерките на Мицкоски за субвенции за млади се слични на мерките на Вучиќ во Србија. На младите им се ветува сѐ и сешто, но не и квалитетно образование, здрава животна средина…
– Квалитетното образование е секако најважно, меѓутоа постојат многу други фактори, кои имаат влијание на заминувањето, односно останувањето на младите. Здравата животна средина, сигурноста на секојдневното живеење, достапноста и соодветноста на секојдневните услуги, урбанизацијата на просторот (што не значи асфалтирање и поплочување, туку соодветно структурирање), средствата за превоз, кои овозможуваат мобилност (автобуси, трамваи, возови) се елементи кои треба да се земат предвид и во кои треба да се инвестира, додава Најчевска.
МИЦКОСКИ ГО КОПИРА ВУЧИЌ, А СДСМ ГО КОПИРА ГРУЕВСКИ
Од Националната земјоделска мрежа ги поддржуваат сите мерки што имаат за цел унапредување на земјоделството и зголемување на земјоделското производство.
–Бараме со оваа мерка да бидат опфатени што поголем број млади, но да биде условена и со конкретни резултати, односно производство на одредени видови и количества земјоделски производи. Не може само да се даваат пари од буџетот, а не добиваме ништо за возврат. Еден од најголемите проблеми во македонските села е што нема основни услови за урбано живеење, нема болници, градинки, банки, пошти… Со други зборови, селата се запоставени и нема инфраструктура.
Младите треба да сфатат дека земјоделството не е само бизнис, туку стил на живеење што бара откажување од многу цивилизациски придобивки, што младите тешко би ја прифатиле таа промена, изјави за весникот „Вечер“, Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Подобрување на демографската слика во руралните средини требаше да овозможи проектот „Од град во село, за нов почеток“ на ВМРО-ДПМНЕ во времето на Никола Груевски. Тој предвидуваше цел сет мерки со кои требаше да се поттикне населението градскиот асфалт да го замени со природните убавини.
Со него се предвидуваше субвенционирање на трошокот за купување, обнова или изградба на куќа до 6.000 евра, бенефиции за бесплатно државно земјоделско земјиште до три хектари, како и еднократна месечна субвенција од по 15.000 денари во текот на 18 месеци.
– Тоа претставува неповторлива можност за оние што се преселени и живеат во град, а особено оние што имаат некакви ресурси во местата од каде што потекнуваат како стара куќа или некаков земјоделски капацитет со потенцијал да биде рестартиран. Ова е шанса и за оние што се невработени, а живеат во град, рече Груевски пред многу години на презентацијата на проектот.
Младите во Македонија не ги задржаа ниту неговите програми: „Купи куќа за млади“, Програмата за кредитирања претпријатија што ќе вработуваат млади лица до 29 години и Програма за самовработување со кредитирање на млади лица до 29 години.
Поранешната влада на СДСМ и на ДУИ, во своето седумгодишно владеење продолжи и надгради некои мерки од времето на бегалецот и неговиот министер за финансии, Ставрески, посебно мерката „Купи куќа купи стан“, која сѐ уште е активна, но сѐ помалку ја користат младите поради ограничувањата за отуѓување на имотот што е субвенциониран.
Оваа државна програма им овозможува на млади лица до 35 години, вклучително и брачни двојки, да добијат субвенции за купување или изградба на куќа. Владата обезбедува финансиска поддршка во форма на субвенција за учество при добивање на кредитот, која може да изнесува до 12.500 евра, во зависност од висината на кредитот или покривање на дел од месечните рати за кредитот во одреден период (5 години).
Услови за аплицирање се најмалку еден од брачните другари да биде помлад од 35 години, вкупниот месечен приход на брачната двојка да не надминува 1.300 евра, да немаат сопствена куќа или стан на свое име.
Една од мерките на СДСМ беше мерката 112 од програмата за Рурален развој за 2023 година, која се однесуваше на помош на младите земјоделци за почнување земјоделска дејност со финансиска поддршка до 600.000 денари (10.000 евра) од прифатливите трошоци по поединечен корисник.
Во 2020 година, кога Македонија беше погодена од пандемијата со ковид, владата на Заев одлучи да ги помага младите и нивната куповна моќ, со 12 милиони евра, преку три мерки што ги воведува за нив.
Се доделуваа три типа ваучери од 60.000 денари за студенти и средношколци од семејства со ниски примања, 30.000 денари за млади до 29 години со цел нивна дообука на ИТ и дигитални вештини, како и 3.000 денари за студенти со цел купување домашни производи.
Програми за млади во меѓувреме нудат и некои општини, како Кисела Вода во Скопје, која нуди финансиска поддршка за млади брачни двојки што сакаат да изградат куќа во оваа општина. Преку оваа програма, двојките може да добијат ослободување од плаќање комуналии. Услов се: двајцата брачни другари да не се постари од 40 години, да немаат друг имот во своја сопственост, да не водат постапка за легализација на бесправно изградени објекти, да изградат куќа со намена за домување (А1), која ќе содржи само една станбена единица и да не го продаваат објектот во следните 10 години.
КУЌА НА СЕЛО ЗА 1 ЕВРО
Вакви слични мерки што ги предлага владата со акцент на младите и нивно задржување во земјава, лани воведе и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Нивна цел беше да се поттикне економскиот и демографскиот развој на земјата.
Вучиќ изјави дека програмата ќе овозможи младите, вработени или студенти, да купуваат станови во вредност до 100.000 евра со минимално учество од само еден процент. Рокот на отплата е до 40 години, а последната рата треба да се исплати до 70-годишна возраст. Предвременото отплаќање ќе биде бесплатно. Државата гарантира 40 проценти од кредитот во првите десет години, а придружните трошоци нема да надминат еден процент од износот на кредитот.
Програмата опфаќа купување станови, куќи или земјишта за изградба на домови. Младите ќе можат да купуваат недвижнини низ цела Србија, без разлика дали се работи за нови или стари објекти.
Земјоделските експерти во Македонија се надеваат дека овој план за враќање на младите во селата и за зголемување на работната сила во земјоделството ќе се реализира и нема да остане само на хартија. Меѓутоа, сметаат дека по примерот на Србија и Италија, државата треба да дава и грантови за купување напуштени селски куќи.
Илија Каров, универзитетски професор и земјоделски експерт, во интервју за весникот „Вечер“ рече дека една од мерките која во Србија успешно се спроведува е доделување грантови за купување селски куќи. Откако се спроведува оваа мерка, досега вкупниот број на продадени куќи е 3.620 во 72 села и повеќе од 300 нови жители. За 2025 година одвоени се над 6 милиони евра и се доделуваат за купување куќи во вредност до околу 10 илјади евра.
Освен Србија, и Италија има програма за заживување на селата, каде што сопствениците ги нудат куќите по симболична цена од 1 евро. Купувачите мора да гарантираат реновирање и ревитализација во период одреден од општината, а државата им става на располагање помош со намалување на даноците и други олеснувања за оние што ќе живеат и работат на село.
Текстот е објавен на 5 јуни 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.548.