Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров денеска, додека пазарел, бил вербално и физички нападнат од граѓанин. Тој вели дека нападот го пријавил во полициска станица.
„Утрово додека нешто пазарев имав непријатна случка со човек кој ни го знам ни го познавам, а кој ме нападна со агресија и закани.
Не знам точно зошто, оти не кажа, веројатно политички, а јас политички сум толку свој што може од сите страни да бил инспириран 🙂
Шегата настрана, ние сме јавни личности, ние мораме да имаме повисок праг на толеранција на критика и да сме свесни дека не сите граѓани ќе ја почитуваат или ќе се задоволни од нашата работа.
Но, во моментот кога таа критика е изблик на вербална или физичка агресија, мора да се реагира.
Должност е да се реагира.
Затоа и случајот уредно го пријавив.
Јас сум добро, самиот инцидент не сакам ни да го коментирам, си бркаат работа органите на редот, ама очигледно не е добра македонската демократија и тоа си заслужува коментар.
Секојдневно гледаме како просто извира омраза од партиите, од ботовите, од медиумите… болно ни е општеството кога насилници и силеџии сред бел ден може да се закануваат и да се силат.
Прочитав дека вчера група насилници дивееле и напаѓале среде Центар, на улица Македонија. Секојдневно има информации за тепачки, пресметки, па дури и убиства.
По училиштата имаме страшни случаи на булинг и меѓуврсничко насилство.
Вчера само какви вести имаше.
Додека јас чекав во станица, две жени дојдоа извадени од памет, да пријават обид за грабнување на дете. Не знам како се разви случајот и што точно полицијата утврди, но самиот момент дека некој се сомнева оти детето пробале да му го грабнат сред бел ден зборува многу и беше крајно вознемирувачки да се сведочи на тоа.
Во атмосфера на неказнивост и немање на ред страдаат сите граѓани.
Дивеење, некултура, агресија… во сообраќај, по молови, во училишта, во болници… ова е недозволиво и итно мора да се стави крај.
Одговорност и ред!
Мора да сме и подобри и позрели од ова, пријатели, инаку сите ќе се удавиме во примитивизам.
Прашањето ќе биде само кој ќе биде прв“ пишува Димитров на Фејсбук.