Екс-претседателот на ФФМ, Ѓорѓиоски за „Фокус“: Никаде во делот на даночното работење на ФФМ не е утврден прекршок, а камоли криминал!

by Fokus

Против екс-претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и федерацијата е поднесена кривична пријава за даночно затајување, соопшти денеска Финансиска полиција.

И покрај тоа, некогашниот прв човек на Фудбалската федерација на Македонија за „Фокус“ негираше дека има даночно затајување, затоа што како што рече, работел чесно и посветено, почитувајќи ги сите законски прописи.

„Во моето работење како претседател на ФФМ секогаш сум работел чесно, посветено и совесно, почитувајќи ги сите законски прописи. Во насока на ова одат и бројните позитивни наоди и записници за даночното работење од страна на УЈП за целиот овој период, каде нигде во делот на даночното работење на ФФМ не е утврден ниту прекршок а камо ли криминал. По однос на Тобако во стечај, колку што се сеќавам, ФФМ имаше побарување, кое по судски пат го доби за потоа истото побарување да го предаде за наплата на извршител. По, ова се отвори стечај над Тобако, каде ФФМ го пријави ова побарување и истото од страна на надлежен орган беше прифатено и утврдено како основано. Тоа е што јас знам и знам дека како одговорно лице на правно лице сум постапил во целост како налагаат моите обврски. По однос на Југохром, истакнувам дека тоа беше затечен договор од 2010 година, каде ниту Југохром ниту ФФМ ги немаше исполнето своите меѓусебни обврски во целост, па затоа и беше направен нов договор со кој се утврдија меѓусебните права и обврски помеѓу ФФМ и Југохраом. По ова беше утврден износ кој Југохром му го должи на ФФМ согласно извршените обврски од договорот, за потоа од друго правно лице кое беше гарант на Југохром, да се плати долгот. Тоа е она што го знам и за што се сеќавам, но како и да е, не станува збор за никакво даночно затајување“, ни изјави Ѓорѓиоски.

Ѓорѓиоски минатиот јули ја напушти претседателската функција на ФФМ, а доби нови работни ангажмани во УЕФА. Тој шест години ја предводеше најголемата фудбалска институција, а дојде на местото на дотогашниот претседател Харалампие Хаџиристески.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости