Голем дел од поранешниот пратенички состав и ексфункционерите во претходната влада ќе добијат понуди од Зоран Заев за ангажирање во државните институции. Тие ќе може да продолжат да работат за државата, но и голем дел од нив нема да земаат апанажа.
„Голем процент од поранешниот пратенички состав ќе има понуда, од мене лично како премиер, да се вгради во државните институции. Не зборувам само за директорски места, зборувам за позиции кои ќе значат искористување на нивното драго искуство и капацитет, да може да влезат во самите институции да продолжат да креираат и создаваат за својата државата. Затоа што кога извршувале највисоки функции во државата редно е тие луѓе кои имале свои профили и експертизи да бидат и понатаму во функција на државата и следните месеци се месеци на донесување такви одлуки. Верувам дека повеќе од 50-60 проценти од овие апанажи веднаш ќе отпаднат затоа што им следуваат следни ангажмани“, посочи Заев.