Против поранешниот градоначалник на Општина Росоман, Стојанче Лазов, е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувања, затоа што на градежна фирма и исплатил фактура за градежни работи иако знаел дека истите не биле изведени, велат од полицијата.
Лазов се сомничи дека во текот на минатата година, како градоначалник на општина Росоман, по претходно спороведена постапка од јавна набавка, прифатил и исплатил фактура од “Агропласт РОС“ ДОО Росоман, за изградба на потпорни ѕидови на трасата на локалниот пат од село Сирково до село Росоман и покрај тоа што знаел дека градежните работи кои се во опис на градежната докумeнтација воопшто не биле изведени од страна на изведувачот.
Освен Лазов, кривична пријава е поднесена против уште две лица, 46-годишниот Д.М. како одговорно лице во ДПТУ “АГРОПЛАСТ РОС ДОО” Росоман, и 35-годишната Б.Ј.Ј. одговорно лице во МБМ “Архитекти” ДООЕЛ Скопје.
„Д.М. иако не ги извел работите наведени во описот на градежната документација, издал фактура за наплата за изградба на потпорните ѕидови во вредност од 574.636 денари. Третопријавената, пак, како одговорно лице во МБМ “Архитекти” ДООЕЛ Скопје, при стручен технички надзор на горенаведената активност, ја потврдила изведбата на описот на работите во градежната книга и градежниот дневник, и изготвила извештај за работите што воопшто не биле изведени од страна на второпријавениот. На овој начин, пријавените го оштетиле Буџетот на општина Росоман за 574.636 денари“, велат од МВР.