Поранешниот градоначалник на Гази Баба Борис Георгиевски денес одлучи да му подари метро и моливче на сегашниот градоначалник Бобан Стевковски, откако Стевковски вчера на прес-конференција соопшти дека Комисијата за теренска проверка на договорите за уличното осветлување во општината утврдила дека постојат разлики помеѓу изведените работи и прикажаните работи во фактурите.
„Прво грижата за уличното осветлување, локациите за поставување на нови линии и сервисирање, не ја врши градоначалникот, туку секторот за комунални работи, поднесувајќи налог за работа кој градоначалникот го потпишува.
Второ за секое изведување на нова линија или одржување на постојна линија постои соодветен надзор кој ја прати постапката дали и со каков квалитет е извршена.
Трето за да може да биде исплатена било која активност покрај налогот мора да има потпишан извештај од надзорот и службите во општината задолжени за улично осветлуваење. Со овој извештај се потврдува дека зададените активности се извршени од страна на фирмата и истите треба да се исплатат. Градоначалникот само го потпишува решението за исплата по сите овие добиени информации.
Дел од вработените потпишани на овој извештај од комисијата за проверка се истите вработени кои го подготвиле и спровеле јавниот повик за улично осветлување. Истите вработени кои ги подготвиле налозите до фирмата и дале согласност за плаќање по извршените активности.
Затоа останува нејасно како истите тие сега утврдиле разлики. Зошто истите разлики доколку ги имало не ги воочиле при самата изведба?
Бидејќи вие немате доверба во вработените од мене имате поклон метро за да можете сам на терен сантим по сантим да мерите пред да потпишете. Со метрото ви поклонувам и моливче за да можете да ги запишете мерките како не би ги утнале повторно“, стои во денешната реакција на Георгиевски.
Вчера, пак, Стевковски истакна дека Комисијата што ја формирал при теренска проверка утврдила дека со договорите за улично осветлување Гергиевски го оштетил буџетот на Гази Баба.
„Во временски период од 19.05.2021 до 30.08.2021 година во општина Гази Баба се потрошени 11.000.000 денари од кои 7.000.000 денари за оддржување и 4.000.000 денари за изградба на нови линии за улично осветлување.
Краткиот период за реализација на договорите беше доволен показател дека е потребно да се спроведе ревизија за што на 05 јануари со решение формирав комисија која изврши теренска проверка на изведените работи по договорот за изградба на нови линии за улично осветлување, а потоа и споредба со прикажаното во фактурите од страна на економскиот оператор по што достави извештај со следниот заклучок.
Комисијата утврди дека постојат разлики помеѓу изведените работи и прикажаните работи во фактурите од страна на економскиот оператор, односно истите не се совпаѓаат“, обвини Стефковски.
Направена е штета со договорите за улично осветлување, тврди градоначалникот на Гази Баба