Разрешениот директор на затворот „Идризово“, Шпенд Тахири за тв Телма вели дека наместо пофалба за откривањето на тунел за бегство во најголемиот македонски затвор, тој добил политички отказ.
Тахири не може да потврди дали некој од вработените затворски службеници им помагал на осумтемина затвореници во планот за бегство.
„Дознавме на 15-ти февруари дека е ископан тунел. Поставивме контрола и заедно со Управата за извршување на санкции приметивме една локација со тазе бетон. Тунелот бил во една просторија каде осудените лица ја користеле за шетање. Постапката е од 01.03 до 17.03, а реализацијата беше на 21.03. Секој ден очекував да ме разрешат, но сепак си продолжував со работа. Тунелот е успех, а разрешувањето е политички реваншизам“ – рече Шпенд Тахири екс директор на КПД „Идризово“, кадар на политичката партија Алтернатива.
Корупцијата цвета, а затворениците ги користат слабостите на системот, тврди за телевизијата поранешниот директор на Управата за извршување на санкции, Виктор Цветковски.
„Се повеќе ќе излегуваат состојбите од контрола затоа што и зголемениот број на осудени лица и се помалку професионален кадар кој си ја знае и чесно си ја работи работата. Од друга страна раководниот кадар е се повеќе политизиран“, вели Цветковски.
„Истрагата ќе покаже дали има корупција. Јас очекувам дека можно е да се најдат и сторители и во делот на помаѓањето, но секако и во делот на организирањето на самото дејство“ смета тој.