Поранешната директорка на скопската Клиника за Гинекологија, Марија Хаџи-Лега за време на своето петгодишно раководење со болницата на државна сметка потрошила околу 33.000 евра за репрезентации, кондиторски производи, галони негазирана вода и гориво, додека уште 18.000 евра за телефон, дознава „Фокус“.
Според документите со кои располагаме, за речиси четири години на клиниката се потрошени 12.544 евра за гориво, потоа 16.265 евра за благи производи (десерти, кремови, чоколадо..) и околу 6.000 евра за негазирана вода. Документите уште покажуваат дека, како од година в година Хаџи-Лега ја зацврстувала функцијата, така и трошоците се зголемувале, па ако во 2013 година клиниката за благо потрошила 2.300 евра, само три години подоцна во 2016 година потрошила 5.300 евра.
Екс директорката на Гинекологија за време на своето „владеење“ со болницата користела три телефони, за кои се потрошени 18.000 евра. Хаџи-Лега на директорското столче седнува во септември, 2012 година и само за четири месеци направена е сметка од 900 евра. Документите со кои располагаме уште покажуваат дека во 2013 година таа на сите три телефони прави сметка од 2.568 евра, додека во 2014 година таа сума достигнува 3910 евра. Ништо поразлично не и во наредните две години, во 2015 година за телефон се потрошени 4.300 евра, додека во 2016 таа сума достигнува 4.800 евра.
Од тоа што можеме да го забележиме на документите, се случувало Хаџи-Лега за само еден месец да потроши повеќе од 1.000 евра за телефон.
„Фокус“ ја контактираше и екс директорката на Гинекологија за да ни објасни зошто се правени толку големи телефонски сметки и да ни каже колку пари се потрошени за репрезентации, гориво, десерти. Нејзиниот одговор ви го пренесуваме во целост:
Со оглед дека повеќе не сум в.д директор на Универзитетската Клиника за Гинекологија и акушерство и имам лимитиран пристап до податоците, за среќа можам да одговорам на повеќето од вашите прашања (со оглед да голем број од податоците за трошоците на Универзитетската Клиника за Гинекологија и акушерство) не се тајна, туку истите се споделувани со многу јавни субјекти (Фонд за здравствено осигурување, Министерство за Здравство) како и при изработка на Финансиски планови за работата на Универзитетската клиника за Гинекологија и Акушерство која за време на моето раководење функционираше само со еден в.д. директор (само јас и тоа без менаџерски договор ги вршев задачите и должностите и на стручен и на економски директор), а истовремено и моите работни обврски како раководител на одделот за Високорична и патолошка бременост.
1.Во поглед на трошоците за бензин и мазиво како и репрезентација(а користена за поканети предавачи и гости на УГАК кои вршеле размена на искуства и подигнување на ниво на знаење)во периодот од 2013 до 2017,јуни се следниве согласно извештаите пратени во месец јуни 2017 до Министерство за здравство а на нивно барање(како и за сите други трошоци на УГАК согласно законската регулатива). Клиниката располага со возен парк од три возила од кои едно било дежурно возило на користење во тек на 24 часа.
2013 | 2014 | 2015 | 2016 | 2017 до 06 месец | ||
репрезентација | 38657 | 59788 | 93951 | 51500 | 16300 | |
Гориво и мазут | 135023 | 154620 | 173319 | 175548 | 77499 |
Во поглед на прашањето колкави биле трошоците за службените телефони истите се согласно лимитите за телефон на економски и стручен директор кои заедно со лимитите за останатите раководители на одделите се усвојуваат на Управен одбор (фактурите за телефоните на сите вработени пристигнуваат во службата за сметководство а понатаму во благајна каде секое надминување на лимитот оди на товар на плата на вработениот согласно лимитите одобрени за секој вработен кои се различни). Инаку, за ваш одговор како и другите вработени имав можност да имам уште договори со мобилниот оператор и користев уште два броја за моите две деца, а трошоците за истите се одбивани од мојата плата.
И на крај би сакала да ја изразам мојата констатација дека вашиот обид за моја лична дискредитација и рушење на углед не прекинува во моменти кога Клиниката за Гинекологија и акушерство се соочува со многу сериозни проблеми, а на кои би можеле да посветите повеќе внимание.
Ирена МУЛАЧКА