Поранешната директорка на скопската Клиника за Гинекологија, Марија Хаџи-Лега бара отказ од работното место, каде што работеше како лекар во Одделот за патолошка бременост, дознава „Фокус“ од извори во клиниката.
Според нашите информации, екс директорката испратила писмо до актуелната директорка Викторија Јовановска во кое писмо се наведува дека бара работниот однос да и престане од 30 септември, 2018 година. Се уште нема информации, дали по заминувањето од клиниката со која управуваше речиси пет години, односно од 2012 година, Хаџи-Лега ќе замине на работа во приватна болница или во странство.
Но. сепак постои еден проблем. Иако, екс директорката доставила документ во кој бара отказ од клиниката, сепак таа завршила субспецијализација на државна сметка и според нашите информации и останува уште една година за да работи на клиниката, оти во спротивно мора да плати оштета од 20.000 евра. Поточно, откако завршила субспецијализација на државна сметка, таа е обврзана пет години да работи на клиниката. Се уште не се знае дали ќе и биде даден спогодбен отказ со оглед на тоа што мора да работи уште една година.
Хаџи-Лега лани поднесе тужба против клиниката поради тоа што откако го напуштила директорското столче не го добила адекватното работно место, односно не стана началник на Одделот за патолошка бременост.
Можеби на многумина не им е познато, но таа ја породи сопругата на екс министерот за здравство Тодоров, Александра со својот втор син. Неколку месеци потоа, по одредени натегања, таа ја зазеде директорската позиција на Гинекологија.
Набргу откако стапи на функцијата, Хаџи–Лега одлучи да направи одредени измени, при што според тендерот објавен на Бирото за јавни набавки, на сметка на клиниката директорката потрошила вртоглави 20.000 евра за опремување на својот директорски кабинет со скап италијански мебел во бела боја.
Сето тоа не би претставувало проблем доколку клиниката не се соочуваше со финансиски проблеми. Директорката на Гинекологија, исто така, беше дел од контрапротестите пред Министерството за здравство.
За време на нејзиното директорување, клиниката ја следеа низа скандали, меѓу кои е и зголемената смртност на новороденчињата. Како што се најавува, веднаш по нејзиното разрешување се очекува да се изврши финансиска ревизија на целата нејзина работа, а, исто така, се планира да се провери на какви семинари и конгреси патувале таа и нејзиниот тим, во кои земји, во кои и какви хотели биле сместени…
Информациите на „Фокус“ ги потврди и актуелната директорка Јовановска.
Ирена Мулачка