Бугарија преплатила огромни суми пари за гас откако руската компанија „Гаспром“ ја прекина испораката, изјави поранешниот министер за енергетика, Румен Овчаров.
За таа состојба, според Овчаров, одговорни се поранешната владејачка партија „Продолжуваме со промени“ и техничката влада која беше поставена по оставката на Владата на Петков.
Така Бугарија преплатила гас за повеќе од 700 милиони евра, посочи поранешниот министер.
Како што истакна, азербејџанската државна компанија „Сокар“, која има намера да ја зголеми испораката на гас во Европа преку Бугарија, сама купува руски гас: во ноември 2022 година „Гаспром“ објави дека дополнително ќе испорача до една милијарда кубни метри гас до Азербејџан.
– Значи, до крајот на април веќе преплативме природен гас за над 1,4 милијарди лева (над 715 милиони евра). Тоа е само за една година. Тоа што ги преплативме првите 700 милиони лева може да и’ се заблагодариме на партијата „Продолжуваме со промените“, а вторите 700 милиони лева на техничките влади на Румен Радев – рече Овчаров.
На прашањето дали гасот што пристигнува во Бугарија како азербејџански гас е всушност руски гас, само по повисока цена, поранешниот министер рече:
– Прво, повторно станува збор за руски гас, а второ – го испорачуваме по некои тотално нејасни рути – коментира тој.
Русија престана да испорачува гас за Бугарија на крајот на април минатата година, откако Софија одби да ги плати испораките во рубљи.
Владата на Кирил Петков, тогаш на власт, премина на алтернативни извори на снабдување – американски течен природен гас и зголемени испораки од Азербејџан. Меѓутоа, бугарските социјалисти и противниците на Петков тврдеа дека земјата сè уште купува руски гас, но преку посредници и по повисока цена.