Ековита: Референдумот- единствен спас од депонија во Неготино, собирањето на потписи продолжува!

by fokus

Собирањето на потписи за референдум од жителите на Општина Неготино против најавениот проект депонија за индустриски инертен отпад продолжува. Граѓаните можат да го дадат својот потпис секој работен ден од 8.30 се до 16.30 часот на третиот кат во општинската зграда, се до 17-ти јануари – информираат од здружението на граѓани Ековита.

На 30-ти декември градоначалникот на Неготино, Тони Делков во видео порака изјави дека продажбата на државното земјиште со цел таму да се гради депонијата е прекината, бидејќи тој и советниците од СДСМ и коалицијата го слушнале гласот на народот.

-Деновиве кои изминаа јас како градоначалник заедно со советниците од редовите на СДСМ и коалицијата и дел од општинската администрација будно го слушавме гласот на народот. Согласно вољата на граѓаните, следејќи ги сите демократски процеси кои се одвиваат во нашата општина, денес ја испраќам пораката дека депонија во Општина Неготино нема да има – изјави Делков.

Веднаш по изјавата, активистите од Ековита, но и граѓани загрижени за своето и здравјето на идните поколенија, и животната средина, му упатија апел да ја покаже јавно одлуката со која се стопира изградбата на депонијата.

Дури по пет дена, на 3-ти јануари, на својата Фејсбук страница, тој објави решение за поништување на постапката.

Според решението донесено на 30-ти декември од Комисијата за спроведување на постапките за електронско јавно наддавање, може да се види дека постапката се запира поради негативно мислење на Државното правобранителство, а не поради таква одлука на градоначалникот и советниците.

Исто така, во решението има поука за жалба во рок од 15 дена до Министерството за транспорт и врски.

Според тоа, од Ековита апелираат граѓаните да продолжат со собирање на потписи за референдум, како единствена гаранција дека депонија во Неготино нема да се гради ниту сега, ниту пак во иднина.
Вики Клинчарова

Поврзани новости