Ековита – Неготино со соопштение: На референдум или на улица!

by fokus

Здружението на граѓани Ековита – Неготино објави соопштение до јавноста во кое што информира дека инвеститорот кој што сакаше да гради депонија за индустриски и инертен отпад е сериозен во својата намера за отворање на депонија во Општина Неготино.

Ги повикуваат советниците од Општината да одредат датум за референдум, бидејќи во спротивно граѓаните ќе излезат на протест, како што најавија и минатата недела.

-Граѓаните на Општина Неготино чекаат и одбројуваат! Упатуваме последен апел до Советот на Општина Неготино – Потписот на 3.323 граѓани мора да се почитува! Вие драги советници, повторуваме, согласно Став 2 Член 28 од Законот за локална самоуправа сте само должни да распишете референдум и да го одредете датумот за негово одржување!
Законот е јасен и не остава простор за толкување дали барањето зад кое застанаа повеќе од 3.323 граѓани е предметно или беспредметно!

НАПОМЕНА: СОГЛАСНО ЧЛЕН 81 ОД ЗАКОНОТ ЗА РЕФЕРЕНДУМ, ВИЕ СТЕ САМО ДОЛЖНИ, ВО РОК ОД 30 ДЕНА ОД ПРЕДАВАЊЕ НА БАРАЊЕТО СО ПОТПИСИТЕ ДА ОПРЕДЕЛИТЕ ДАТУМ! ТОЈ ЗАКОНСКИ РОК ЗАВРШУВА НА 13-ТИ ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК)
Ние, како репрезент на повеќе од 3.323 граѓани на Општина Неготино, последен пат, Ве повикуваме на разумно, одговорно, и согласно Закон Ваше постапување.

Истовремено ја информираме јавноста дека жалбената постапка за продавање на земјиштето е се уште во тек и инвеститорот останува СЕРИОЗЕН во својата намера да отвори ДЕПОНИЈА (Фабрика за преработка на отпад) на подрачјето на Општина Неготино !

Почитувани граѓани на Општина Неготино, со цел еднаш засекогаш да ставиме крај на оваа приказна мора да се одржи референдум, каде граѓаните ќе ја изразат народната волја по ова прашање !

ПОВТОРУВАМЕ: НИЕ ОВДЕ НЕ ЗАПИРАМЕ! ГО СЛУШНАВМЕ ГЛАСОТ НА СОВЕТНИЦИТЕ, СЕГА Е РЕД ДА СЕ СЛУШНЕ ГЛАСОТ НА ГРАЃАНИТЕ, НА РЕФЕРЕНДУМ ИЛИ НА УЛИЦА – ОД ВАС ДРАГИ СОВЕТНИЦИ ЗАВИСИ! – наведено е во соопштението од Ековита.

Неодредувањето на датум за референдум веќе извесен период е главна тема во Неготино. И покрај тоа што се собраа потребните потписи од граѓаните, градоначалникот Тони Делков и советниците од СДСМ на седница на Совет уверуваа дека референдумот е беспредметен и само ќе и донесе трошоци на општината.

Од Ековита минатата недела порачаа дека ако до 13-ти февруари не се одреди датум, веќе наредниот ден, на 14-ти февруари, кога во градот се подготвува голема прослава по повод Свети Трифун, ќе ги повикаат граѓаните на протест пред општинската зграда.

Вики Клинчарова

Поврзани новости