Костовски прозборе во судница: Мијалков и началниците можеа да слушаат прислушувани разговори на своите компјутери

by fokus

Свиркачот Зонко Костовски, кој заедно со Ѓорѓи Лазаревски ја открија аферата за нелегалното прислушување во УБК, во моментот сведочи на судењето за случајот „Таргет и Тврдина“.

Соочен со Сашо Мијалков, и со останатите обвинети, тој сведоштвото го започна раскажувајќи за кариерата во МВР. Во 1993 година бил вработен како почетник инженер, за две години бил самостоен инженер, а во 1998 година бил на позцијата главен инженер.

-Од 2001 до 2006 година бев на позицијата началник на единица. По смената на власта бев деградиран за две скалила, односно на позиција на главен инженер. За две години, во 2008 година, бев унапреден во главен инженер раководител, рече Костовски.

Тој додаде дека во 2012 година повторно бил унапреден во началник на единицата за оперативна техничка поддршка на операциите. На оваа позиција бил се до неговото притворање за случајот „Пуч“ во февруари 2015 година. Отказот го добил наредниот месец.

На прашање на обвинителите од СЈО тој појасни дека при работата видел повеќе системи за следење на комуникациите. Првиот систем „Конверс“ бил набавен во 1999 година од Израел, а потоа истиот бил надграден. Во меѓувреме компанијата го сменила името во „Верин“, потенцирајќи дека системот останал ист. Овој систем функционирал до 2009 година, а две години претходно, се направила набавка на нов систем „Најс“, кој почнал со употреба во 2008 година.

-Импементацијата на системот одеше тешко и затоа паралелно работеше и „Верин“. Тоа беше со цел да се провери дали сите разговори се снимаат и на „Најс“, појасни сведокот, кој додаде дека во 2014-2015 година почнала имплемантацијата на трет систем за следење на комуникациите.

За просторијата каде што бил системот за прислушување сведокот рече дека имало само едем клуч, кој стоел кај тогашниот началник Небојша Стајковиќ.

Костовски, појасни дека маркирачи, односно оние кои во системот ги внесувале броевите кои треба да се прислушуваат, биле само тројца, а за слушање на материјалите рече дека можност имале и началниците и директорот на УБК.

-За слушање имаше инсталирано компјутери кај сите началници на оддели и ка директорот на Управата, рече сведокот, кој додаде дека директорот на УБК имал можност да ги слушне разговорите од двата системи, а за началниците не беше сигурен.

Сведочењето на Костовски се уште е во тек.

В.В.

 

Поврзани новости