Со дневен ред од пет точки, меѓу кои ги немаше барањата на синдикатите од изминатиот период, мина денешната седница на Економско-социјалниот совет која на крајот беше прекината, без конкретни мерки како што беше најавувано, рече Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на работниицте од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) во вечерашното издание на „Топ тема“ на Телма ТВ.
Шест месеци, посочи Деаноски, немаше седница на Економско-социјалниот совет, во време на најголема финансиска криза во државата, во време на најголема инфлација.
-Нема методологија на плати која беше помпезно најавувана и сè уште се најавува, нема за фискални импликации, нема за потпишување на нови колективни договори. Меѓу точките на дневниот ред немаше ниту едно од нашите барања од изминатиот период, изјави Деаноски.
Од Министерството за труд и социјална политика претходно преку соопштение информираа дека во фокусот на седницата биле антикризните мерки на Владата.