Откако синоќа се случи трагедијата во Тетово, по избувнувањето на пожарот во модуларната болница, медиумите потсетуваат на изјава од пред неколку месеци, на економскиот директор на болницата, кој реагираше на одредени неправилности при изградбата, за кои бараше да се санираат, па дури потоа болницата да се пушти во употреба.
Поточно, економскиот директор на Клиничката болница Тетово, Артан Етеми, побара од фирмата изведувач да ги отстрани пропустите, иако претходниот ден имало примопредавање на објектот од страна на фирмата изведувач, Министерството за здравство и Клиничката болница. Но, уште тогаш тој изјави дека грешките биле ситни.
„Забелешките се однесуваат на подот и уште неколку мали инфраструктурни грешки. Даден е рок за пет дена да се санираат грешките при изградба на модуларната болница. Струја и вода има, изјави Етеми пред неполни пет месеци.
„Фокус“ стапи во контакт со директорот, кој потврдува дека тогаш биле констатирани ситни пропусти, кои во никој случај не можат да се поврзат со причината за пожарот.
-Причините за пожарот треба да ги утврди Обвинителството, но еве ќе кажам тоа што тогаш сум го забележал не може да се доведе во врска со пожарот. Сум констатирал ситни неправилности, на пример дека треба да се поправи подот во ходникот, да се инсталира туш кабина или дека треба да се стави заштитна ограда, што беше направено, изјави Етеми за „Фокус“.
Обвинителството ги истражува причините за пожарот, а според министерството за здравство во трагедијата починаа 14 пациенти, а 12 биле спасени.
Тендерот за изградба на 17 модуларни болници во земјава, меѓу нив и тетовската, минатата година ги доби велешката фирма „Брако“ заедно со валандовската „Ари и Том“. Преку заем од Светската банка, државата за таа намена им исплати 3,6 милиони евра.
Валентина Вурмо