Со промената на власта, поточно откако ВМРО-ДПМНЕ ја запоседна „Илинденска“ дојде и до промена и на директорското место во Здравствен дом-Скопје, под чија капа е и Итната медицинска помош и уште 33 други здравствени домови на територијата на главниот град.
Во текот на август, на местото на поранешниот прв човек Виктор Исјановски доаѓа Самир Исени, кој е именуван за нов директор. Тој доаѓа од редовите на Алтернатива, која до неодамна ја раководеше собранискиот спикер Африм Гаши, кој се повлече и на негово место дојде Зеќирија Ибраими.
„Здравјето е едно од најскапоцените добра што ги имаме и наша должност е да обезбедиме секој поединец да има пристап до најквалитетна грижа и поддршка“, нагласи Исени по преземањето на функцијата. И толку.
Но, тука постои еден спорен момент, а тоа е дека новиот директор по професија не е лекар, туку дипломиран економист, кој бил советник во скопската Општина Бутел, а истовремено работел во Друштвото за трговија и услуги „Е-Конт-Гроуп“ во скопски Чаир.
Од тоа место, тој доаѓа како прв човек на Здравствен дом-Скопје, една од поголемите здравствени институции во Скопје.
Сепак, неговата биографија може да се најде на официјалната страница на Бутел, но не и на веб-страницата на Здравствениот дом, каде што фигурира само неговото име и презиме. Ниту пишува која му е примарната професија, а ниту претходно што работел.
Исени со оваа институција раководи веќе два месеца, а за целиот овој период нема поставено нов раководител на Итната медицинска помош, што значи дека постои дополнителен хаос во поглед на организацијата.
Во претходниот период, скопската Брза помош добила и неколку возила како донации од невладина организација од Шуто Оризари, потоа од Општина Чаир, од Комерцијална банка, како и преку ИПА фондовите.
Едно возило за Итна медицинска помош за да биде фул и квалитетно опремено мора да поседува дефибрилатор, респиратор, аспиратор, комплетна опрема за мобилизација, реанимациски сет, носилка, макази, кардиолошки столици, вакум душеци…
Исто така, тоа што е специфично е дека целиот здравствен систем функционира врз основа на програмата „Мој термин“, со исклучок на Итната медицинска помош, чија програма не е прилагодена за потребите на граѓаните.
Бројот 194 работи турбо. Телефонот постојано ѕвони, а од другата страна на линијата не можат да постигнат да одговараат на сѐ позачестените телефонски повици.
Вознемирени гласови, лелеци и пискотници се слушаат редовно од страна на граѓаните, кои последната сламка спас за своите најблиски ја бараат во Брзата помош.
– На мајка ми наеднаш ѝ се слоши. Ситуацијата стана алармантна, па не знаејќи што се случува, моравме да свртиме на Брза помош. Од таму нѐ прашаа за симптомите, но ни рекоа дека во моментот немаат слободно возило.
Веднаш штом првото ќе се ослободи, ќе го пратат.
И тоа трае и трае, а агонијата продолжува. На мајка ми ѝ е сѐ полошо. Низ глава ми се вртат триста мисли, а од возилото нема ни трага, ни глас – раскажува 24-годишна девојка, чија мајка била спасена во последен момент по доживеан инфаркт.
На оваа тема, лани во декември, Центарот за граѓански комуникации направи обемно истражување, според кое, вкупно недостигаат 52 екипи за итна медицинска помош, за да може да се задоволи барем законски пропишаниот минимум тимови што треба да ги има еден медицински центар во зависност од бројот на жители што ги опфаќа.
Во моментов, земјава располага со 258 тимови за Итна медицинска помош, и овој број, наместо да се зголемува, секоја година се намалува.
Ирена Мулачка