Министерството за економија е на став дека спојување на на концесиите за Иловица-Штука треба да има. Оттаму денеска на брифинг за новинарите повторија дека се работи за административно спојување и тврдат дека така државата избегнува нови спорови.
Министерот за економија Крешник Бектеши треба да им реферира на колегите министри и премиерот на владина седница, што би требало да се одржи наредниот вторник , денес деталите за спојувањето на концесиите за Иловица решија да ги споделат со новинарите.
Од Министерството за економија велат дека ништо поразлично од ова нема да слушнат ни министрите и сметаат дека одлуката за спојување на концесиите е исправна и различна од давање дозвола за експлоатација.
Спојувањето на концесиите помина на 27 јуни годинава, а Владата материјалите ги добила ден претходно, што според Министерството за економија е доволно време за министрите да се запознаат за што ќе гласаат.
Оттаму не знааат од каде е зачуденоста на тројцата министри за животна средина, внатрешни работи и за одбраба Каја Шукова, Оливер Спасовски и Славјанка Петровска, кои во изјава за ИРЛ велат дека не биле запознаени со суштината на предметот и бараат ревизија на одлуката.
Дополнително, оттаму тврдат дека за точката имало дваесетминутна расправа на самата седница. Одговорот на новинарските прашања – зошто се брзало со седницата, е дека Министерството оценило оти тогаш треба да помине.
Двете концесиите се една целина, според Министерството за економија, односно првата концесија е во самото концесиско поле на втората, што им дава законска можност на инвеститорите да побараат спојување.
За првата концесија административната постапка почнала во 2005 година и завршила во 2012 со одлука за доделување концесија, потпишана од тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески во име на Владата. Подоцна, во 2016 година инвеститорите побарале и дозвола за експлоатација што е следен и финален чекор, но Министерството за економија им одговорило три години подоцна и тоа негативно. Министер за економија и тогаш бил Крешник Бектеши, кој го отфрлил барањето со образложение дека инвеститорите немаат комплетна документација.
За втората концесија барањето стигнало во 2009 година. Откако ги поминало филтрите на сите надлежни институции, одлуката за доделување на концесијата ја потпишал тогашниот премиер Никола Груевски во 2015 г. Откако тој потпишал, не стигнало на ред барање за дозвола за експлоатација, велат од ;Министерството за економија.
Додека се чекале евентуалните одобренија за експлоатација, инвеститорите барале спојување на концесиите и тоа уште од 2016 година. Тогаш Министерството било на терен и утврдило дека не постои законска пречка концесиите да се спојат. На двапати досега во 2018 и во 2019 година предлогот стигнал до Владата, но одлука за спојување на концесиите немало.
Подоцна, во 2019 година Министерството за економија го раскинува договорот за концесија со Иловица поради некомплетна документација, за што тогаш „Еуромакс” поведува постапка против Владата пред Управниот суд. Процесот се влече со години, за годинава во март Управниот суд да ја уважи тужбата за одземање на концесијата – одлука која отстапува од претходните две решенија на Судот, што инвеститорите ги обжалуваат.
Но, иако инвеститорите барале, Управниот суд не одлучувал и за спојување на концесиите, туку ценел дека тоа претставува посебно правно прашање, за кое надлежните органи Владата и Министерството за економија се должни да постапуваат.
По ова, Економија смета дека сега треба да се спојат концесиите, оти судскиот спор е завршен, а уште во 2016 г. и теренски утврдиле дека нема пречка за спојување на концесиите.
„Досега не доставивме предлог за спојување на концесиите до Владата оти раскинавме една конецсија, немаше основа. Сега, по одлуката на Управниот суд да им ја врати концесијата, побарале спојување и ние по службена должност ги пративме целокупните материјали до Владата на одлучување. Ако направевме спротивно, ќе го прекршевме законот“, тврдат од Министерството за економија.
Концесионерот „Еуромакс рисорсис“ сега има нови четири години во кои ќе треба да обезбеди документација за да може да бара дозвола за експлоатација, но тоа ќе треба да го направи по нови изменети услови во законите. Треба докази за решени имотно-правни спорови, геодетски елаборати, студија за оцена на влијанието врз животната средина итн.