Министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев денеска го посетија ООУ „ Аврам Писевски“ во Бардовци и присуствуваа на почетокот на новата учебна 2019/2020 година.
Претставници од Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Пакомак“ по повод почетокот на новата учебна година и подигнување на еколошката свест на сите првачиња им доделија еко моливи.
Министерот Адеми им посака успешен почеток на сите ученици и порача дека е потребно подигнување на свеста за заштита на животната средина. Според него, тоа најдобро се постигнува преку воспитно-образовниот процес на учениците и наставните програми кои содржат вакви теми. Посочи дека имаат поддршка од бизнис заедницата и од компании како „Пакомак“.
Заменик-министерот Макрадули изјави дека со поддршка на „Пакомак“ денеска на десет илајди првачиња ќе им подарат најтраен подарок – еко моливи кои кога ќе ги потрошат, ќе можат да ги засадат и од нив некој ќе има домат, рузмарин…, во зависност од семето.
– Борбата за здрава животна средина се одвива преку четири компоненти: инвестиции во инфраструктура, мониторинг, законодавство и подигнување на јавната свест. Ова е пример како од најрана возраст младите ги учат повозрасните како се чува и штити планетата. Не случајно сме во ова основно училиште во Општина Карпош бидејќи тоа е едно од најдобрите во собирање пластика, отпад, рече Макрадули. Тој ги поттикнува и другите училишта да го следат нивниот пример. Макрадули најави дека слична акција ќе организираат и за приватните компании.
Градоначалникот Богоев изјави дека континуирано преземаат повеќе активности за заштита на животната средина и против загадувањето, како нови зелени површини, селекција и рециклирање на отпад во училиштата, едукација на децата од најрана возраст…
Тој потсети дека се вклучени во поголем број на проекти, каде преку Владата, општината аплицира во насока на намалување на загадувањето. Тоа се промена на системите на греење во градинки и училишта, зазеленување на дворови на градинки, училишта и јавни установи…
– Најсоодветно е навиките за чување на животната средина да се всадат во главите на нашите намлади уште од најрана возраст. Во спротивно, кај повозрасните менувањето на навиките најчесто оди непријатно, со казни, санкции, рече Богоев.