Каков е воздухот кој го дишиме поради големиот пожар и кои ќе бидат последиците врз животната средина, прашуваат загрижено жителите на Општина Неготино, каде со денови гори страотниот пожар кој се уште не е локализиран и покрај бројните екипи на терен.
Од граѓанското здруение Ековита од Неготино, кое се залага за заштита и одржливо искористување на животната средина, се огласија по повод ситуацијата со големиот пожар кај Неготино, кој е активен седум дена, и излегоа со првичните детали.
Од Ековита имаат поставено мрежа од десет индикаторски мерни станици во Неготино и околните места и континуирано го мерат загадувањето.
За ,,Фокус” истакнуваат дека се работи за еколошка катастрофа, и појаснуваат дека аерозагадувањето било кратко и нема опасност по здравјето на луѓето.
-Сега се е во ред. Загадувањето беше од дрва, а не од пласитчни материјали, како што се случува во зима. Мерните станици одлично функционираат во Неготино.
Во последните два дена е забележано зголемено аерозагадување со PM 10 честичките до 150 микрограми на метар кубен, додека дозволеното ниво е до 50 микрограми на метар кубен. Сепак, состојбата се нормализираше за кратко, појаснуваат од Ековита.
Од здружението додаваат дека пожарот кој ја зафати планината Серта претставува сериозна закана за растителниот и животинскиот свет во оваа област.
-Планината Серта е позната по своите полустепни (полупустински) услови и ендемични видови, каде што растителниот покривач е редок и регенерацијата е многу тешка поради климатските промени. Загубата на растителниот и животинскиот свет ќе има долготрајни последици врз екосистемот поради уништување на нивното природно живеалиште.
Огнените јазици уништија над 200 пчелни семејства, што дополнително ја влошува ситуацијата, истакнаа од здружението.
Вики Клинчарова