ЕК: Санкциите на САД против бугарски државјани не ја засегаат ЕУ

by Fokus

Одлуката на САД да санкционира тројца бугарски државјани и 64 организации инволвирани во корупција, нема да има последици врз Европската Унија, соопшти портпаролот за надворешна политика на ЕУ, Петер Стано на редовниот брифинг.

-Санкциите на САД не се применуваат на територијата на ЕУ и ништо не оправдува контрамерки, мерките на САД што се преземени се однесуваат на инволвираните лица во врска со нивната активност со САД, изјави Стано.

Сепак состојбата со корупцијата останува предмет на мониторинг во Брисел, што се рефлектира во редовниот извештај на Европската Комисија за состојбата со владеењето на правото. Во овој дел, портпаролот за правда, Кристијан Виганд потврди дека Брисел одблиску ја набљудува ситуацијата во Бугарија.

-Бугарија треба да ја финализира имплементацијата на точките од извештајот од 2019, има уште незавршени работи, извештајот бара постојана соработка со Советот на Европа за справување со недостатоци во антикорупцијата, ефективни кривични истраги и докажани пресуди за висока корупција, Комисијата ќе продолжи да го набљудува ова од блиску за следниот извештај за владеењето на правото, рече Виганд.

Канцеларијата за контрола на странски активи на Министерството за финансии на САД (OFAC) вчера воведе санкции за тројца бугарски државјани поради нивна голема улога во корупција во Бугарија, како и за нивните мрежи опфатени со 64 организации. Санкциите се против Васил Крумов Божков, Делјан Славчев Пеевски и Илко Димитров Желјазков.

Бугарскитот претседател Румен Радев и доскорешниот премиер Бојко Борисов се оградија, а бугарската експертска јавност предупреди на последици врз државата која, како што оценија со години била предупредувана за справувањето со високата корупција.

Поврзани новости