Европската комисија предложи добивката генерирана од замрзнатите средства на руската централна банка да се искористи за да се помогне во обновата на Украина.
По рускиот напад на Украина, Европската унија ги замрзна или имобилизира средствата на руската централна банка, кои во тоа време се наоѓаа во финансиски институции на територијата на Унијата. Станува збор за над 200 милијарди евра замрзнати средства. Тоа е капиталот што останува сопственост на руската централна банка, а само приходот генериран од тој капитал би бил искористен за помош за обнова на Украина.
Овие средства биле имобилизирани додека биле во т.н централни депозитари за хартии од вредност (CSD). Станува збор за финансиски институции специјализирани за трансакции со хартии од вредност, како и за чување и сервисирање на средствата на овие хартии од вредност. Повеќето од овие средства се депонирани во Euroclear, меѓународна финансиска институција со седиште во Белгија, каде што се концентрирани околу 90 отсто од руските средства во ЕУ.