ЕК предлага финансиска помош до 100 милиони евра за земјава

by fokus

Европската комисија денеска предложи да се обезбедат до 100 милиони евра макрофинансиска помош за Северна Македонија. Со овој предлог, како што истакна претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и еврокомесарот за проширување и доседска политика Оливер Вархеји, се покажува дека Брисел стои до Северна Македонија во тешки времиња, потенцирајќи ја енергетската криза.

Помошта ќе придонесе и за покривање на финансиските потреби на државата во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја финансиската одржливост и структурните реформи.

Оваа помош е наменета и за успешно справување со предизвиците со кои се соочува цела Европа, но и за успешно спроведување на политиките и реформите со кои ќе се забрза интеграцијата на земјата, преку Меморандумот за разбирање помеѓу Европската Унија и Северна Македонија.

Денешниот предлог е во рамки на 24-месечната програма за поддршка склучена со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), до 530 милиони евра.

– Ние стоиме покрај Северна Македонија во овие предизвикувачки времиња. Денеска предлагаме макрофинансиска помош до 100 милиони евра за поддршка на економијата на земјата, придонесувајќи за покривање на нејзините финансиски потреби во следните две години, рече претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

И Вархеји во објава на Твитер наведува дека „во овие предизвикувачки социо-економски времиња, Комисијата стои на страна СевернаМакедонија со својот предлог да обезбеди макрофинансиска помош до 100 милиони евра за земјата“.

– Тоа е уште еден доказ за нашата посветеност дека стоиме со нашите партнери, нагласува Вархеји.

Од Европската комисија информираат дека помошта би била во форма на заеми, што ќе се исплатат на две рати.

Поврзани новости