Македонија годинава ќе забележи економски раст од 4 отсто, а во 2022 од 3,9 проценти, додека инфлацијата ќе изнесува 3,3, односно 2,1 отсто, предвидува Европската комисија во есенската макроекономска прогноза за земјите членки на ЕУ и државите кандидати.
ЕК оценува дека економското закрепнување на Северна Македонија бележи добар напредок, а домашната и странската побарувачка се зголемуваат. Напредокот се очекува постепено да продолжи и во 2022 и 2023 година, врз основа на зголемувањето на домашната потрошувачка и побарувачката од странство.
Реалниот раст на БДП се предвидува просечно да биде 3,9 отсто во периодот од 2021 до 2023 година. Закрепнувањето на јавните финансии веројатно ќе биде подолготрајно од претходно очекуваното. Потребите за финансирање за амбициозните нови планови за јавни инвестиции на Владата и продолжената имплементација на антикризните мерки веројатно ќе повлечат одржливи високи нивоа на фискален дефицит, се вели во есенската економска проекцијата на ЕК за Северна Македонија.
Како ризици за позитивните изгледи за раст се наведени продолжувањето на пандемијата на Ковид-19 забавувањето на темпото на вакцинација и евентуалните дополнителни рестриктивни мерки. Продолженото нарушувањето на синџирите на снабдување може да влијае негативно на очекувањата за извозот. За да се зајакне фискалната одржливост, Владата ќе треба внимателно да ги прилагодува постепеното повлекување на фискалната кризна поддршка и спроведувањето на својата амбициозна инвестициска агендата. Фискалното сценарио треба да предвиди брзо спроведување на мерки за подобрувања на фискалното управување и во управувањето со јавните инвестиции.
Економските предвидување на ЕК за земјава – есен 2021, на средба со новинарите претпладнево во Скопје ги презентираше Фрек Јанмаат, шеф на економскиот оддел во Делегацијата на Европската Унија во земјава, кој истакна дека се очекува закрепнувањето на домашната побарувачка да се зајакнува во наредните три години, годишниот раст во потрошувачката на домаќинствата ќе се забрза во текот на 2022 година и да биде робусен во 2023 година.
Во однос на инфлацијата се очекува притисокот на цените да стане поумерен. Таа расте годинава, а се должи на зголемените цени на енергијата и прехранбените производи и нарушувањата во синџирите особено на автомобилската индустрика. Се очекува до 2023 година овој притисок да се намали, а тоа значи за оваа година инфлацијата да биде 3,3 проценти, наредната 2,1 и за 2023 да биде 1,8 проценти.
За јавните финансии тој подвлече дека се очекува фискалната консолидација да се пролонгира. Во приходната страна на Буџетот, вели, има опоравување со оглед дека компаниите ги подмириле своите даночни обврски. Фискалниот дефицит е зголемен на 6,5 отсто од БДП во споредба со првичните очекувања од 4,9 проценти, а капиталните расходи се зголемени за 42 проценти.
-Владата планира да го намали фискалниот дефицит до 2023 на 3,5 проценти, но сметаме дека начинот на кој што треба да се постигне тоа е многу нејасен особено со најавите за зголемено јавно инвестирање од буџетски средства. Целосната реализација на овој план сметаме дека не е многу веројатна со оглед на неисполнувањето на ваквите буџетски планирања, генерално. Во минатите години е утврдено дека Владата тешко успева да ги реализира капиталните инвестиции и проектите за таа намена, како што се инфраструктурните проекти. Затоа сме критички настоени во тој поглед, вели Јанмаат.